Во предземјотресно Скопје имаше многу малку купечки играчки ... тоа продолжи и во поземјотресно Скопје ... крајот на шеесетите и почетокот на седумдесетите години се појавија играчките оние фабричките ... до тогаш децата заради огромната потреба за играње си правеа самоделски играчки ... од нигде ништо чиниш ... со помош на материјалот кој се наоѓаше зафрлен некаде во дворовите и подрумите се правеа играчки кои ги привлекуваа децата неуморно да се занимаваат со нив ...
Една таква играчка беше и возење на вркало со помош на жица ... Ова првпат го пробав во предземјотрсно Скопје ... тогаш живеев кај сегашна Универзална ... тогаш таму беа некои други згради - кои за жал се урнаа во земјотресот ... мојата зграда сеуште стои ... крај на светот за Скопје значеше Рузвелтова ... од таму натака почнуваа бавчите ... а лево од Партизанска ... која до земјотресот не беше ни пробиена, имаше огромна плантажа на кајсии ... кајсии со благосемки ... колку само кајсии крадевме заради семките ... но за тоа во друга прилика ... колку само сол од пушката на чуварот се испука по нас ...
Во подрумот најдов едно тркалце од железо кое беше одпаднало од некое старо буре ... а од комшискиот двор пак пресеков од таа јаката и дебела жица ... се помалку ја имаше бидејки жицата ни се наоѓаше за многу направии со кои се игравме ... тркалцето ке го тутневме со едната рака а со жицата прикажана на сликата горе (која на едниот крај беше завиткана во буквата “U“ латиница ...) ке го стигневме тркалото и ке почнеше трчањето по него ... во текот на трчањето мораше да се внимава на правецот на тркалото ... за да завртиш на десно треба благо тркалото со жицата да го буткаш на лево и обратно ... кога има повеќе деца со тркалца - победува оноа дете кое најдолго непрекинато го турка тркалото ... Ех колку се огладнува од оваа игра ... леб намачкан со свињска маст и одозгора шекер беше права посластица ... тоа ако сакаш благо ... а леб намачкан со свинска маст па одозгора алова лута или поблага пиперка беше другиот избор ... на крај чинија топла супа ... сто и една приказна од радиото закачено на зидот и очите сами тонат во сон ...
Најдобри беа тркалцата кои ги правевме од искршени колички за мали деца ... кои во тоа време беа со огромни габарити и тркалцата им беа колку до висина на детско колено ... ке ги извадевме жиците и милина тркалце ... На крај толку ке се извежбаат покретите што тркалото, раката на детето и жицата стануваа вистински спој и се правеа чуда со тркалцето ... осмици на кратки стази ... возење цик цак ... како на полигони на денешните трки со коли ...
Сето ова служеше да се развива мозокот на децата во иновација на играчките ... рачињата се вежбаа во мајсторијата со жицата и тркалото ... се набиваше кондиција во долгите трчања по тркалцата ... децата растат неприметно трчајки и трошејки ја енергијата ... Оваа игра неможам никојпат да ја заборавам ... долго време не сум видел ниедно дете да ја игра ... штета ... се разбира оваа игра најчесто ја играа машките деца ...
Постот е дел од серијалот постови ДЕТСКИ ИГРИ ...
No comments:
Post a Comment