Во постот Дали е ова Исус ?! ... побаравте да напишам неколку збора за Марија, за Мајката на таканаречениот “Исус“од сликата во мојот дуќан - кој така го нарече едно младо ромче, здогледувајки ја сликата од подолу:
Денеска на Марија и е роденден, полни 75 години ... посвот е посветен на нејзиниот роденден ...
Марија е родена на 25.01.1934 во Старо Нагоричане ... во фамилијата на Драга и Стојан Тошиќ ... Од мајка Драга Тошиќ родена на 15.02.1910-та во с. Челопек - која почина пред четири години, на 21. Ноември 2005 год - на 93 годишна возраст ... Од татко Стојан Тошиќ роден на 29.08.1914 година во с.Старо Нагоричане - почина на 13.02.1993 година - на 79 годишна возраст ... Драга и Стојан се венчни на 15.02.1933 година, се разбира во Старо Нагоричане ...
Марија е првородено дете од вкупно четири, три сестри и еден брат ... Детството го минува во селото Старо Нагоричане, кое во тоа време било со бројно население ... Родителите и се бавеле со земјоделие и малку сточарство ... Од Марија како најстаро дете се очекувало да помага на родителите ... Таа тоа и го правела - во младоста била одличен земјоделец ... работела на нивите и помагала на мајкаи во домот ... но повеќе сакала да работи на нива, бидејки како дружељубиво дете сакала да се среќава со луѓето кои на полето заедно работеле ...
Втората светска војна, ја дочекува на школска возраст ... во селото тогаш во воени услови било организирано бугарско училиште со бугари наставници ... Марија првите 4 основни ги завршува во такви воени услови ...
По војната бидејки доаѓаат тешки услови Марија помага по дома и го запоставува школото ... Брзо настанува период на Земјоделските Задруги ... Марија била одредена да работи во Младинската Бригада ... таа тој период го поминало одлично, бидејки не ја мрзело да ги работи работите во поле ... младинската бригада имала специјани задачи ... тие саделе дрвја, особено по долината на Пчиња ...
Во младоста Марија за себе ке каже дека била „љубовџика“ - всушност обожувала да се дружи со врсниците и со повозрасните дечковци ... често сакала да оди на чесма да полни вода, за да се види со другарките и со симпатиите ... ги обожувала игранките кои се организирале во времето на многуте црковни и селски слави ... рано се одлучува за човек, со кој се мажи на непони 18 години ... Брзо по свадбата мажот и заминува во војска која тогаш била долги три години ... Пред мажот и да појде во војска ја добива првата керка која ја раѓа на 18 години ... второто дете оноа на сликата е родено по неполни три години во однос на првото ...
Мажот и бил од имуќна поповска фамилија, но бил надарен за занает и рано станува мајстор на столарскиот занает ... занаетот го учи од својот зет ... во тајфата биле неколку другари од кои едниот ке му стане старосват ...
Марија со сопругот живее во неговата куќа - која не е многу далеку од родната куќа ... неполни 200 метри ... живее со свекрвата која во периодот на војната го губи сопругот и едниот син ... мачени се и стрелани ...
Марија, со првороденото дете во 1952 година, се слика со свекрвата за да ја пратат сликата на мажот кој е во војска ...
Со мажот имале многу планови, тој лесно нашол работа, иако имал многу работа и со столаркиот занает ... изработил столарија за многу нови куќи ... особено бил прецизен во земањето на мерките ... првин во Куманово, едно време работел и во рудникот близу Куманово, Лојане ... но неговиот зет столарот, кој го подучува во столарскиот занает, го повлекува во Скопје, каде во една градежна задруга работат како столари ... Мажот на Марија патувал од селото до работа со точак, да - до Скопје и назад со точак ... Марија со децата често знаела да го чека и да го препознава во ноќта на далечина од неколку километри ... Точак во тоа време било реткост ...
Марија одлично соработувала со свекрвата за која самата ке напише своја сторија ... додека мажот и работи во град Марија работи на поле и сади ориз и други земјоделски култури ... оризот во тоа време носел доста пари во однос на другите земјоделски производи ... Заедно со мажот вредно собираат пари за изградба на сопствена куќа ... најпрвин мислеле да градат во селото ... но зетот (столарот) и најстарата сестра, кои веќе се во Скоје, ги убедуваат дека е најдобро да копат/изградат куќа во Скопје ...
Така во 1957 год. со дел од парите во Скопје купуваат мал стан 42 квадрати, кој се наоѓал тогаш на крај на Скопје (до сегашна Универзална ...)... планирале да градат куќа и меркале, се пазареле за плац на водно на тогашниот локалитет на Еврејски Гробишта ... денеска попознат како дел на Скопје под Панорама, над Државна Болница ...
Заедно со двете деца Марија во тој мал стан ја зема и свекрвата ... за несреќа радоста на новиот стан многу кратко трае ... Во несреќен случај при работа во 1958 година и загинува сопругот ... Марија останува млада Црна Удовица со две малолетни деца ... а самата тогаш имала само 24 години ... на горната слика има 25 години ...
Останала без маж, без својот хранител, со две малолетни деца (едното со неполни 3 години а другото неполни 6, во град каде познавала многу малку луѓе ... Помошта првин пристигнува од нејзините родители кои и ветиле дека ке ја помагаат на секаков начин ... за храна нема да трпи и да гладува ... На помош пристигаат и првите комшии кои ја советуваат како да го тера животот во град, бидејки самата немала искуство, била премлада ... Нејзината релација неколку години била Градски Гробишта Бутел, Универзална и неколку роднини кои живееле, едни во Пролеќе, други во Керамидница, Трети во Мичурин ...
Бидејки пензијата и била мала, комшиите ја советувале да го доврши школото за да најде подобра работа ... ги послушала и тргнала во правец на завршување/дошколување, најпрвин на неколкуте класа/разреда од основното образование ... за веднаш потоа да запише Вечерно Средно Економско Училиште ... тоа биле убрзани школи и Марија за неколку години завршува средно образование ... тоа е периодот на 62 годнина во времето на скопката поплава ... децата и растат, летно време се кај родидителите на село а во школскиот период учат во Скопје ...
Во периодот на својето дошколување Марија како сеуште млада, и по сликата се гледа згодна госпоѓа ... се вљубува во Марко и од 1962 година почнуваат заеднични живот ... многу кратко се заедно во станот кај Универзална, бидејки се случува земјотресот ... зградата е тешко оштетена и е бележена за рушење ... Марија земјотресот го дочекува како дечја воспитачка горе на Средно Водно ... раскажува дека гледала како од Скопје нагоре расте густ црн облак и дека долго време не се гледало ништо ...
Со Марко градат една шупа во дворот на зградата, каде заедно со другите комшии ја презимуваат таа зима во 63/64-та гдина ... двете нејзини деца заедно со многу други деца од Скопје се упатени на годишен престој во Словенија ... тие, таа година учат школо во Пореч ... Марија не можела да издржи долго време без своите деца ... заминува за Пореч каде станува васпитачка ... но морала да се врати во Скопје бидејки тоа било период кога се делеле становите и бараките во Скопје ...
Бидејки закаснила за поделбата на блиските бараки во блиската населба .... не и останало ништо друго, таа зема барака во тогашно “богу иза леѓа“ - Бутел 1 ... каде природува уште две деца со Марко ... и каде сеуште живее ...
Во меѓувреме, својот работен стаж го поминува во Градски Сообраќај - Скопје (ГСП) ... најпрвин работи како кондуктерка, потоа поради нејзиното средно образование (во тоа време било тоа висока школска спрема), таа поминува да работи како благајник во билетара, обрачунец ... некое време работи во сметководството како материјален книговодител ... за на крај повторно да се врати во билетара ...
Живее скромен работнички живот, како и повеќето скопјани од тоа време ... разликите во стандардот се минимални - но невработени немало ... цели генерации на деца од тоа време пораснаа со леб и маст на лебчето ... во една варијанта на маст со шекер ... а во друга варијанта на маст сол и мелен црвен пипер - буковец, често замешуван со мелена леблебија ... има среќа децата да и учат школо ... две деца и се економисти, едното архитект а најмалот математичар ... тој сега веќе како САД докторант прдава на Универзитетот во близината на Хјустон ...
Марија има десет внучиња и сеуште го чека првото правнуче ... Животот не ја милувал ... често знаело да ја закачи и болест, па морала да врши неколку операции ... камен во желудникот ... некои женски проблеми ... и уште една операција ...
Марија со својата отворена душа била помагана но и самата секојпат сакала да помага, особено ги помагала своите роднини - бидејки била една од ретките кои имале стан во Скопје ... така, таа во Скопје ја повлекува својата сестра, другата сестра на школување во Учителската школа во Скопје и братот кој во Скопје учи најпрвин Средно Електро, за потоа да зашпише Електро Факултет ... помага и неколку братучеди ... заради некоја нејзина причина поприврзана е секојпат кон своите машки деца и машки внуци ... но тоа не значи дека не ги сака/ла женските ...
Во тој период во двете соби на Партизанска Марија во едната соба има кираџии, за да го дополни буџетот, а во другата соба осем своите две деца често имало и по двоица, троица други роднини ...
Сите ја знаат Марија као дружељубива и разборита жена ... но жена која кога ке намисли нешто не попушта ...
Од болештините пред неколку години и е дијагностицирана старачка леукемија ... сега е во борба со таа болест ... има јако животно долговечно стабло ... особено по макината страна ...
Често знае да напише и по некој вистински расказ како оној за:
- нејциниот татко ...
- нејзината мајка ...
- нејзината свекрва ...
- за нејзиниот свекор ...
Ја терам да пишува и понатака, но во последно време е одсутна, особено одкога и почина вторит маж Марко ... се` подолги се периодите на леукемичната присатност во нејзиниот организам ...
Марија е ХЕРОЈ жена од нашето минато време, жена која изродила и одшколувала четири деца ... жена која секојпат била ведра ... била помагана, но и помагала на понемоќните и посиромашните ... заборавив да додадам во младоста - како и секоја вредна мома го учи шнајдерскиот и плетачкиот занает, во време пред да се омажи ...
Од својот севкупен досегашен живот - ми се чини дека највеќе сака да се сеќава на својата младост во своето родно село ...
Веројатно, пропуштив многу детали од животот на Марија ... но целиот горен текст “излезе“ од мене ... и го плукнав на постот ...
No comments:
Post a Comment