Груевски погоден од пренесувањето на неговите изјави во Брисел каде “се слушна“ - дека тој во разговорите во Брисел употребил реченица дека е спремен да преговара за “добар предлог“ за името, кој потоа би одел на референдум ... даде интервју за МИА:
- Прво, не постои никаква промена на мојот став поврзан со проблемот со името од оној што го имав пред изборите, за време на кампањата и кој е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што тогаш го говорев во сите мои настапи, телевизски емисии, каде има и повеќе простор во детали да се дадат образложенија, во весниците и на митинзите, тоа е она што и денес го говорам и соодветно се однесувам. Значи накратко, немам никаква, ниту најмала промена на ставот поврзан со проблемот со Грција околу нашето име. Се што се шпекулираше низ медиумите беше всушност обид на моите противници по ова прашање, да прикажат слика каква што тие посакуваат и подолго време предлагаат, било тоа да се политичари, аналитичари, новинари, уредници...
- Претпоставувам дека и во иднина ќе има вакви обиди, шпекулации и искривувања или намерни погрешни толкувања на моите изјави. Јас сум тој што бев, не сум го сменил ставот по ова прашање, ниту пак имам намера да го менувам. Така, ова е порака и до нив. Колку и да се трудат да ја искривуваат вистината, колку и да се обидуваат да претстават лажно некои состојби, јас останувам цврст во мојот став, без разлика дали им се допаѓа тоа или не.
- Всушност, јас не сум од оние политичари кои едно говорат пред изборите, а друго по нив. Не заборавајте и тоа дека има многу луѓе во земјава, кои живеат и заработуваат од тоа да ми ги искривуваат изјавите, да прават секогаш анализи со тези кои ги оцрнуваат моите изјави и чекори, независно колку и да се погрешни тие анализи, да создаваат клима против мене и против ВМРО-ДПМНЕ. Но, за жал, тоа е дел од стариот начин на водење политика кај нас, а протагонистите се истите оние кои 17 години креираат политики и мислења, па еве до кај не доведоа. Постои и една мала, но компактна група од политичари, новинари, професори кои веројатно се дополнително мотивирани од страна на соседот за да ме напаѓаат, затоа што се свесни за мојата позиција, која воопшто не им оди во корист на нивните интереси.
- Трето, заклучоците на Европскиот совет воопшто не се толку тврди и, би рекол, дека дури не кореспондираат со реалноста што ја сервираа некои новинари кои известуваат од и за Брисел. Еве зошто. Од една страна во извештајот првпат официјално Европскиот совет спомнува дека постои можност до крајот на 2008-ма да ги започнеме преговорите за членство, односно да го поминеме следниот чекор, како што стои во заклучокот, се разбира напоменувајќи: доколку ги исполниме сите критериуми од Копенхаген, оние споменати во 2005-та и осумте бенчмаркови, нешто што беше очекувано.
- Во друга реченица е нагласена важноста на решението за спорот со Грција околу името, но директно не е поставено како услов, туку само се насетува. Сепак, во реалноста, надвор од овој документ, проблемот со името е главниот услов, централен услов, услов за кој, ако се најде решение, ЕУ е подготвена да толерира многу други задачи доколку не успееме навреме да ги завршиме, но истовремено, се чини, од она што може да се насети, дека доколку сите можни услови ги исполниме до максимум и над сите очекувања, блокадата од Грција е сосема извесна. Грчката влада и нејзиниот премиер се уште го сонуваат својот балкански сон на победник над Америка и Европа, и супериорност над Македонија и мислам дека ќе направат се за да останат во таа политичка идила уште некое подолго време. Убедени дека времето работи за нив и дека со текот на времето ние ќе потклекнеме и ќе прифатиме невозможни работи, тие се со намера секаде да не кочат и да не блокираат. Не ни сонуваат колку многу се лажат. Не ја научиле лекцијата од деведесетите кога ни воведоа ембарго неколку години, а немаа воопшто никаков успех во притисокот за решение за спорот, туку напротив, само ги зголемија разликите.
- И уште една забелешка, во Македонија неколку новинари, кои со години пласираат дезинформации повикувајќи се на анонимни дипломатски извори во Брисел, пласираа вести дека со заклучоците сме казнети поради инцидентите на изборите во десетина општини во Македонија и дека во заклучоците доминираат забелешките за изборите. Морам да нагласам дека во заклучоците нема ниту збор за изборните инциденти, што не значи дека инцидентите не ни прават штета на имиџот на земјата. Но, пак се прашувам, зошто толку се мотивирани да шпекулираат на штета на сопствената држава, зошто, на пример, не се стават за момент во функција на интересите на државата, наспроти желбата за сензационализам, поттикнат од партиска природа, а затскриен зад изразот „анонимни извори од Брисел“. Еве, нека кажат сега кој ги излажа и зошто тие го излажаа нашиот народ во нивните извештаи и прилози.
- Се прашувам до кога неколку новинари на нашите граѓани ќе им го матат умот со анонимни изјави од странски политичари и ќе ги манипулираат...
- Внатрешниот отпор е главно од десетина луѓе кои македонските граѓани ги избркаа од политиката, па сега заработуваат како т.н. ,,независни аналитичари“, колумнисти, божемни експерти, бивши, повторувам бивши, а не сегашни -државни функционери, водачи на невладини организации и слично. Едноставно граѓаните ги остранија од политичката сцена, или ги маргинализираа до крајни граници. Сите тие многу би сакале да се актуелни политичари, но од немајкаде се во невладини организации или секој ден даваат изјави како некакви експерти за се и сешто, а не како луѓе кои излегле на избори и добиле доверба од граѓаните. Нормално, силната поддршка која ја имаат од одреди медиуми или поединци во одредени медиуми, не е случајна. Такви „случајни“ поддршки ретко можете да забележите во Грција во изминатите 15 години.
- Би сакал да упатам порака до сите оние кои се сомневаат дали Македонија ќе успее и кои сеат страв наоколу инспирирани исклучиво од лукративни цели, односно веројатно од јахти, или други мотивациони средства: Македонија веќе успеа. Сега тоа не е веќе прашање, сега треба да престанат да се сомневаат во сопствената држава и во сопствениот народ и да почнат да веруваат во сопствената иднина. Македонија успева. Ние ќе продолжиме и понатаму со сопствени сили да ги браниме нашите аргументи, да работиме за подобар живот на нашите граѓани, за просперитетна иднина на нашите деца, зашто, на крајот на краиштата, европските стандарди се нешто што треба да го имплементираме самите, тоа не доаѓа како подарок, ниту пак е нешто што е толку далеччо и недостижно. Напротив, со силна работа, со посветеност, како што докажавме сите заедно во Република Македонија дека можеме да работиме, нема цел што не е остварлива.
- Мојот став е стопати повторен, го има и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ на 146-та страница, а оние кои ме обвинуваат за немање став, многу добро го знаат тоа, но можеби не им одговара. И да потесетам, ние сме единствената партија во Македонија што излезе со конкретен став по ова прашање.
- Грците изјавија дека нема да потпишат документ за решение за името кој подоцна ќе оди на референдум во Македонија...
- Ниту ние ќе потпишеме документ со кој го решаваме проблемот со Грција околу името пред да биде изнесен на референдумско изјаснување.
- Посредникот Нимиц, како и САД, вложуваат многу напори да се реши ова прашање. Сепак, сосема е очигледно дека премиерот на Грција нема намера да го затвори ова прашање во блиска иднина. Пред се заради внатрешно политички прашања и проблеми и заради убеденоста дека времето работи за него, тој разви стратегија за пролонгирање на решението и мислам дека тешко ќе се откаже од таа стратегија додека не се убеди дека оваа стратегија не му го решава ова прашање. За решение на ваков проблем потребна е воља кај двете страни.
- Потсетете се на лисабонската декларација каде ЕУ одлучи Македонија да го смени името и при тоа во новото име да не е содржан зборот Македонија. Мислам дека денешните политичари во ЕУ се срамат од таквите одлуки во почетокот на деведесетите од нивните претходници.
- Според информациите што ги добивам, ова што го имаме сега не се преговори. Особено не - последните средби во Њујорк. Ова е обид за едностран диктат, проследен со навреди и закани. Класично уценување. Нема борба со аргументи, туку демонстрација на сила. Не се говори со силата на аргументите, туку со аргументот на силата. Грчкиот преговарач, крајно арогантно кажува што ќе може, а што не ќе може и тука нема многу преговори. И постојано бара начин за одложување на изнаоѓањето решение. На пример, се говори дека едвај се согласиле да го примат Нимиц во Атина, со смешни образложенија. Мислам дека еден ден, можеби по 30 или 40 години, грчкиот народ ќе се срами од ова што нивните политичари и го прават на Македонија. Оваа генерација политичари кај нашиот јужен сосед, за да ги прикријат своите слабости во водењето на земјата, како и многуте афери, креираа таква хистерија кај народот на таа земја по ова прашање, што сега и самите тие не можат да ја контролираат таквата ситуација. Тоа е жално. Да, сигурно еден ден ќе се срамат од ова.
No comments:
Post a Comment