Денеска на овој спарен ден со тропски температури бев поканет да го посетам Ростуше и езерото Локув ... Организатори на ова случување беа љубезните Хамлет Ахмети и Хелмер Рушити ... И покрај мојата голема желба денеска останав во Скопје во сахарските услови ...
Реканскиот регион е сместен во западниот дел на Македонија, помеѓу Маврово и Дебар од едната, и помеѓу границата со Република Албанија и кичевската област, од другата страна. Географски гледано, Реканскиот регион на северозапад е омеѓен со јужните ограноци на Шар Планина, а на југ со северните делови на планината Дешат. На запад границата на Реканскиот крај ја исцртуваат планините Кораб и Крчин, а на исток Бистра и Стогово. Денес, населението во Река брои околу 10.000 жители. Главни занимања на Реканците биле (и сè уште се) сточарството и печалбарството. Реканците од секогаш биле познати фреско-живописци, копаничари, ѕидари, мозаичари и денес тие се едни од најбараните фасадери, ѕидари, плочкари и мозаичари во Италија и западна Европа. Интересен е податокот дека во Реканскиот крај во дваесеттите години постоел млековод кој го спроведувал млекото од поголемите села до работилниците за преработка. Сирењата и кашкавалите од Реканско, преку Солун, се извезувале дури и во Америка. Пред Втората светска војна, во Река се напасувале 2.5 милиони овци и исто толку кози, како и повеќе од 150.000 коњи. Тие претставувале силен економски потенцијал од кој убаво живееле над 17.000 жители на тогашната Галичка околија.
Реканскиот регион своето име го добил од реката Радика и по нејзината притока Мала Река. Со оглед на изразито суровиот релјеф, со голем број планински врвови повисоки од 2500 мнв, комуникацијата меѓу населбите се одвивала по речните текови. Главните правци по кои се одвива комуникацијата во целата област се теченијата на реките Радика, Мала Река – Гарска.
Во самиот Рекански регион може да се издвојат неколку целини и тоа: Горна Река, Долна Река, Голема Река, Мијачија и Малорекански крај.
Регионот на Горна Река ја опфаќа територијата на горното течение на реката Радика од нејзиниот извор па сè до вливот на Рибничка Река. Во овој дел на Река спаѓаат селата: Бродец, Кракорница, Богдево, Врбен, Трница, Волковија, Тануше, Нистрово и Бибањ. Скоро сите овие села денеска се напуштени. Во минатато, во овој дел од регионот во голем број живеелe православни Македонци чиј мајчин јазик бил албанскиот.
Долна Река ја опфаќа областа од вливот на Рибничка Река во реката Радика па сè до месноста Бошков мост, односно вливот на Мала Река (Гарска) во Радика. Денес во овој дел се сместени и најголем број од живите и развиени села. Тоа се селата: Жировница, Врбјани, Ростуше, Битуше, Јанче, Требиште, Велебрдо, Скудриње, Присојница и Видуше.
Малореканскиот регион ги опфаќа областите по теченијата на Мала Река, Тресонечка и Гарска Река како и дел од планината Стогово. Така се сместени селата Гари, Тресонче, Лазарополе, Селце, Росоки, Осој и Могорче.
Областа на Голема Река е сместена надолу од вливот на Мала Река (Гарска) во Радика до месноста наречена Горенички мост.
Населението во Долна, Мала и Голема Река претежно го сочинуваат Македонци кои по својата вероисповед се муслимани или православни а има и албанско и турско население.
Општина Маврово и Ростуша (или само Општина Ростуша) е општина во Западна Македонија. Центар на општината е селото Ростуша.
- Ростуше се наоѓа од десната страна на реката Радика, на надморска височина од 720 метри и зафаќа површина од 15 квадратни километри.
Како природен и административен центар на општината, во Ростуше работи осумгодишно основно училиште, работат паралелки на гимназијата "Панче Попоски” од Гостивар, поштенски шалтер, централа на Телеком, канцеларија на Бирото за вработување од Гостивар, Здравствен дом, фабрика за производство на сокови, како и други стопански, угостителски, здравствени и административни установи.
Сето ова на жителите на Ростуше им дава можност полесно да најдат извор за егзистенција во родното место и да го одбегнат одењето на печалба во странство карактеристично за целиот овој регион. Во 1961 година селото броело 825 жители, додека според пописот од 1994 има 919 жители.
- Планинското езеро Локув е сместено на североисточните падини на планината Дешат на надморска височина од 1560 метри. Лоцирано е во прекрасен природен амбиент со питома околина и опкружено со букова шума и пасишта. Езерото Локув е најниско глацијално езеро во Македонија.
До езерото најлесно се стигнува пеш по обележана патека која минува низ село Требиште, од каде и што запошнува истата, води преку месноста Старо гумно и Салева ливада. Целата патека е обележана и не постои опасност од заталкување. Трасата оди низ живописен шумски појас, долга е околу 6км. и за мејзино совладување не е потребна особена физичка спремност.
Питомата крајбрежна линија на езерото нуди можност за излети и кампувања, а исто така во неговата непосредна околина се изградени неколку засолништа со клупи и настрешници кои се во функција на посетителите
Во непосредна близина на езерото се наоѓа Џеватово бачило каде и ден денес се произведува сирење на традиционален начин кое посетителите можат да го дегустираат во секое време.
Флората во околината е застапенаод букова шума а на отворените делови застапени се голем број лековити билки (кантарион, линцура, мајчина душица, планински чај и ајдучка трева) и шумски плодови (Вргањ, лисичарки, шумски јагоди, шипинки, дренки и боровинки).
Со оглед на тоа дека езерото е сместено во национален парк Маврово во пошироката околина на езерото може да се сретнат диви кози, срни, елени, мечки, зајаци, лисици, орли и други представници на фаунистичката заедница типична за овој крај.
Куриозитет за езерото е опстојувањето на водоземецот Тритон во неговите води.
На околу половина час пешачење западно од Локув се сместени уште 4 помали глацијални езера.
За езерото Локув и планината Дешат
Езерото Локув е едно од ледничките езера на планината Дешат. Се наоѓа на надморска височина од 1000 метри и е најниско ледничко езеро во Република Македонија. Убавините и природните вредности на планината Дешат, во регионот Долна Река, се еден од потенцијалите за развој на селскиот, планинскиот и алтернативниот туризам, заедно со многубројните културни и традиционални вредности и специфики. Регионот изобилува со бујна вегетација и прекрасни природни пејзажи. Во непосредна близина на езерото се наоѓаат три бачила во кои се произведува високо квалитетно сирење како и други млечни производи
Како да дојдете до Ростуше
Општина Ростуше со истоимениот центар се наоѓа во западниот дел на Република Македонија, околу 120 километри оддалечена од Скопје. До тука може да се стаса преку магистралниот пат Скопје-Тетово-Гостивар и регионалниот пат Маврово-Ростуше, со автомобил, или пак со редовна автобуска линија или приватен превоз на локални превозници од регионот. Целата територија на општина Ростуше припаѓа на националниот парк Маврово.
Каде да преноќите?
Регионот изобилува со хотелско и приватно сместување, посебно во мавровскиот дел, а реканскиот регион нуди можност и за сместување на гости во новиот комплекс на манастирот “Св. Јован Бигорски”, како и во приватни куќи.
Локални специфики
Општина Ростуше ги нуди убавината и богатството на мултинационална и мултикултурна традиција. Населението од различните етноси и вери ги негува своите традиции и обичаи што го прави овој регион посебно привлечен и интересен за гостите. Специфични за реканскиот крај се празнувањата на Рамазан и Курбан Бајрам кај муслиманското население, Водици и Велигден кај православните христијани. Река е позната и по специфичните свадби, сунети и обичаите околу нив, а посебно свадбарските јадења кои наедно се дел и од богатата реканска традиционална кујна (бајрамско месо, пченкана пита, мазница, рекански качамак, баклава, аландити-валангии, реканско млеко, сирење и кашкавал…).
Што можете да видите во околината?
Прошетајте покрај прекрасната река Радика и нагостете се со надалеку познатата радичка пастрмка. Видете ги водопадите Дув, езерото Локув, Галичник и убавите мијачки села, планините Бистра, Дешат и прекрасните планински куќички. Бидете гости на убавите традиционални свадби во летниот период. Сето тоа, како и еколошки чистата храна, вода и воздух, терените за спортување, планинарски излети, посетите на пештерата Алилица и други, манастирот “Св. Јован Бигорски” и многу други доживувања се нудат во овој крај. Во регионот можат да се сретнат и голем број диви животни, меѓу кои дивокози и срни, рисови, лисици, мечки и други видови.
Се надевам дека во друга прилика ке имам свои доживувања и своја приказана за Ролстуше и езерото Локув ...
Поздрав за љубезните домаќини - во друга прилика може ке ми се посреќи да бидам нивен гостин ...
- Rostuse ... Ezero Lokuv ...
No comments:
Post a Comment