Повеќето од вас знаат дека моментално живеам во Ново Лисиче во една кула на шести спрат ... Во Скопје сум дојден далечната 57 година на двегодишна возраст и живеев во тоа време кај Универзална - зградата кај клучарот “Шани“ ... ‘57 тоа време тоа беше крај на Скопје ... Партизанска беше само мала уличка која водеше према бавчите во сегашен Карпуш ... имаше убав тревник и игравме фудбал ... топка де ... кој видел тогаш фудбал ... Земјотресот ја раздрма зградата и беше обележена со црвено - за рушење ... Ние како деца бевме евакуирани со воз најпрвин во Камник, па во Пореч ... Зградата преживеа одкако долго време стоела плаката “.. децата од оваа зграда молат - да не се руши ...“. Моите добија барака во Бутел ... па така едновреме бев Бутелчанец ... Повторно се вратив во станот кај Универзална кога формирав семејство ...
По неколку години, по неколкугодишно работење во Ирак - добив стан кој после го купив во Ново Лисиче ... Жената кога виде кај е станот падна во несвест и не сакаше да се селиме ... станот беше празен неколку години ... некако се преселивме ... пред 19 години во Ново Лисиче ... Пустелија ... прашина ... се градеше наоколу ... дрвјата само што беа посадени ... Смрдеја од тогашното ѓубриште кое беше депонирано преку Вардар и се палеше секоја ноќ ... нонстоп навечер со затворени прозорци ... Кај ме донесе ке речеше жената ... од центар у село ... Но:
** Ново Лисиче е високо урбанизирана населба во источниот дел на градот Скопје, на 5 км одалеченост од Центарот.На десниот (јужниот) брег на реката Вардар. На исток Ново Лисиче се граничи со делот на Населбата Лисиче познат како Островска, на запад со населбата Јане Сандански (која сите ја викаат Аеродром), на југ односно новите згради се дел од Населба Лисиче,а на север се допира до брегот на Вардар
Како поодалечена населба од центарот на градот, а со огромен број на стамбени згради и жители кон Ново Лисиче водат многу автобуси како 5, 15, 3 (чија последна станица е Ново Лисиче), а автобусот 23 го обиколува цело Ново Лисиче бидејќи населбата има форма на квадрат. Со Центар и западниот дел на Скопје (Карпош, Ѓорче Петров) е поврзана со булеварот Јане Сандански кој преку населбите Аеродром и Јане Сандански оди кон Центар, а кон Маџари, Автокоманда и Индустриската зона води мостот Близнаци.
Во Ново Лисиче водат два главни булевара, и тоа АСНОМ и В. С. Бато. Булеварот АСНОМ се претвора во АВНОЈ во населбата Јане Сандански, а В.С.Бато се претвора во булерварот Јане Сандански. Двата главни булевара се разгрануваат во многу улички и паркинзи кои ја сочинуваат патната инфраструктура на Ново Лисиче.
Населбата Ново Лисиче е изградена во годините 1985-1990.На местото на денешната населба (зградите) се наоѓала најплодната алувијална рамнина во Скопската котлина,на која за жал nместо пченица никнале згради.Населени места имало во близината,а тоа е денешната Населба Лисиче (порано била село).
Ова е фотка на Ново лисиче брзо по нејзината изградба ... Се работи за населба која заедно со Ајродром е ретко добро урбанизирана населба и дури сега се гледаат визионерско добрите урбанистички решенија на урбанистите кои ја замислиле оваа населба како целина ...
На база на оваа населба добиени се неколку проекти во Русија и Украина за градење на слични населби ... Вакви населби имам гледано и по западните држави ... со таа разлика што таму уште на влезовите на улиците има капии и неможе секој да влезе ... можеби и тука треба да се разисли за истото ... ке се зголеми сигурноста за неколкупати ...
Ова е поглед на Ново Лисиче онака како го гледа господ ... одозгора ... Во ера на Интернет - многу лесно е да бидеш урбаниста а и да следиш што се гради во твојата населба ... диво или питомо ... За инспекцијата Гоогле ерт би требало да биде обавезна лекција - но секако платената верзија со месечно снимање на исти локации ... за да се гледаат промените ...
1.- Ново Лисиче ... прекрасно замислена населба со четири влеза од четири страни ... сега по 20 години од градбата дрвјата, зелените површини и парковите ја сменија сликата за Ново Лисиче ... сега Ново Лисиче стана интересна населба а становите добија на цена ...
2.- Ајродром ... со слична урбанистичка замисла како и Ново Лисиче ...
3.- Основно Училиште - “Лазо Ангеловски“ кое е со највеќе деца во Скопје ... Веданаш до школото е детска градинка ... Пред школото последна автобуска на неколку автобуски линии ... “5“...“15“ ... “35“ ... а одоколу вртат и “3“ ... “23“ ...
4.- Прославениот парк на Музиката - кој неколкупати добива награди за најубаво уредено катче околу згради ... благодарение на ентузијазам на неколку луѓе вистински ентузијасти и љубители на хортикултурата ...
5.- Парк кој го уредуваше една од странските воени мисии во Скопје ... Тука е и поштата која пред некој ден при крај на работното време беше ограбена ...
6.- Зграда на Пошта ... До нејзе, треба да се гради покриен пазаришен простор ... но ке почекаме ... Тука блиску, беше доделено и земјиште на црквата - да изгради Црква ... но црквата го одстапи на инвеститор кој ке и одстапи неколку стана ??!!
7.- Дел каде навелико се градат нови згради кои никако неможат да добијат пристапни патишта - поради спорот на општините Ајродром и Ново Лисиче ... Тука се и становите за социјалните случаи кои повеќепати се доделуваат чаc на едни час на други ...
8.- Нива која се сади сеуште со жито ... на еден дел се гради пумпа на Макпетрол ...
9.- Новата крајна автобуска станица - која никако да проработи ...
10.- Трафостаница ... околу која никнуваат летно време диви чергарски населби на браќата Роми ... кои тука им е база за прибирање на флаши и друг секундарен одпад ... коњите ги ранат со косење на тревниците во населбата ... Се снаоѓаат луѓето, но дали е ова лик за една урбанизирана населба каде по парковите пасат коњи а до нив група на по десетина жени и деца одмараат во ладот пред контејнерите - чекајки некој да фрли пластична флаша ... Добро е што ги собираат ... од тоа живејат ... но ... мора ли тоа така да биде ...
11.- Старата депонија на која е изграден стационар за кучиња ... среќа не-про-работи ... а мораше ли тука и да се направи ...
12.- Комплекс на МЗТ и други фабрики ... Некогаш тука беше моќна индустриска зона ... Сега незнам дали да се радувам бидејки одкога не работат фабриките не мириса толку многу и толку често ... или да тагувам за изгубенте работни места ... со тоа расте сиромаштијата ...
13.- Комплексот на ФОН во изградба ... а карши него представништвото и складот на “Мерцедес“ ... Го облагородија просторот кој пред тоа беше ѓубриште ...
14- Вардар ... Има изградено прекразна трим стаза ... каде Ајродромци и Ново Лисичани трчаат и џогираат ... Се чека разрешувањето на преселбата на бетонската база на Маврово - кое има времена локација тука веќе повеќе од 35 години ... треба да се селат за да се облагороди просторот ...
15.- Тениско игралиште и Спортската сала Ајродром ... Не ми е јасно зошто блиску до овие спортски терени гледам паркирани цистерни за превоз на нафта и нафтени деривати ...
16.- Локација на Перални за автомобили ... сендвичари ... ветување на терен за Бејзбол ... ветувањето е десетгодишно но неспроведено ...
17.- Керамидница ...
18.- Бул. Србија ... Место каде се предвидува изградба на бензински страни на Лукоил од двете страни на улицата ... а на влезот во детската улица “Студентски дом“ ... Со овие локации не се слага месното население ... имаше протести и ке видиме како ке се заврши сето ова ... Нападнати се парковите кои се душата на Ново Лисиче ...
Поглед од мојата тераса према Водно ... Терасава е омилено место на мојата сопруга ... Додека беше помал синот го гледаше како игра кошарка во паркот доле ... Сега е прекрасен поглед на паркот и зеленилото низ него ...
Поглед од мојата тераса према Китка ... Овој поглед ми ги одмара очите од компјутерскиот замор ...
Прекрасен поглед од терасата кон сега веќе раскошниот парк ... Дали ова само мене ми изгледа убаво како фотка или е навистина толку убаво во Ново Лисиче ...
Инаку јас лично се осеќам заробен во стан ... одсекојпат сум сакал куќа и двор ... ама ете животот пресуди досега да живеам по станови ... Од друга страна жената никако не сакша куќа ... стан и е сосема доволен ... задоволна си е од терасата која е пред се нејзино омилено катче ... каде се одмара ... пуши цигара ... пружа веш ...
- Novo Lisice ...
No comments:
Post a Comment