Search This Blog

Wednesday, January 06, 2010

Коледе … Коледа … Коледица

Kolede 1 (Large).jpg
Утрински коледарчиња
Секое утро на Бадниковиот ден – по вечерта покрај Коледарски огнови групи од маалски деца не будат со традиционалните коледарски песни. Ги има многу но во Скопје најпозната е:         Повеќе ».....

Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледееееееееее
Има уште една популарна во скопјево наше:
Кој што спие нека стане
нека меси колачиња
колачиња за дечиња…
ако нема колачиња
нека даде јаболчиња,
ако нема јаболчиња
нека даде паричиња, …
ако нема паричиња
нека даде се што има…
б’дња бабаааааааааааа Коледееееееееееее…
http://volanskopje.blog.com.mk/system/files?file=Kolede%202%20%28Large%29.jpg
Добри домаќинки/ини се спремаат за коледарчињата, купуваат јаболки, костени, ореви, портокали, разни бомбони и ситни парички. Спремно се чекаат утрото коледарчиња кои рано наутро доаѓаат со торбичиња и кеси. Дечињата со денови пред тоа се договараат кој со која група ке се шета и кои песни ке ги пејат.
Во битолскиот крај изгледа дека е популарна оваа песничка:

Отворете врата
сребрена и златна,
отворете златни порти
коледе меледе
ви дојдоа мили гости
коледе меледе
мили гости коледари
коледе меледе

Коледе бабо Коледе
Коледица меледица
и по неа Василица
еднаш ми е во година
како цвеќе во градина.
Коледе бабо Коледе
дај ми едно костенче
едното за мене
другото за другарчето.
Цуцул стои на грутка та си шие ќесулка.
А шчо ќе му ќесулка?
Да си бере жирчок.
А шчо ќе му жирчок?
Да си рани прасето.
А шчо ќе му прасето?
Да му пушча лојца.
А шчо ќе му лојца?
Да си мазни стапчето.
А шчо ќе му стапчето?
Да си тепа бабата.
А шчо ќе му бабата?
Да му роди машко дете.
Како го викат?
Ајчин, бајчин!
Коледе, коледе!

Цуцул пасе говеда покрај река Ситница, и отаде лисица:
Добро утро цуцуле!
Дал Бог добро лисице!
Шчо је врева у село?
Комар бек се женеше
за мушичка девојка: еже - тапанарче,
желка - свирбаџија,
мечка тесто валкаше,
повеќе го лапаше,
на мечиња даваше;
петел дрва цепеше,
јаричка ѓи редешпе;
вино пушчаше,
повеќе растураше.

Сива, сива галабице!
Дека си се осивила?
Таму горе на небеси.
Шчо имаше, шчо немаше?
Таму има мала Бога,
мала Бога и Божиќа,
си редеа златни чаши,
златни чаши и канати!
Утре је Божик!

Обичаи и песни спроти Бадник - од Дебарско, према записите/зборникот на Васил Икономов
Во Дебарско особено во нашите малорекански села,, вечерта спроти бадникот се подготвуваат лебови што се викаат колаци, со различни форми. Заедно со овие колаци (или колендари) замесуваат по еден голем леб што се вика чист леб, којшто го јадат на првиот ден на Божикот, кога повозрасните деца варат пченица (жито) со шеќер и ги пеат следниве песни:
Утре вечер - бадник вечер,
бодни коња на пазара,
купи риба јогула,
дојди дома да ја вариш,
сркни риба - убоцај се,
пи си вино - весели се!

Теле велит: - Леле!
Не колите мене,
тук` колите кокош!
Кокош се скри пот кош!

Сива, сива гулабице,
од коде си долетала
до нашего господина?
Шчо чинеше наш господин?
Ми правеше златни чаши,
златни чаши и канати,
да послужит млада Бога,
млада Бога и Божиќа.
Божик ми е на небеси,
слава му е по се земја.

Добро утро стара бабо!
Дај ми колач и погача!
Напи се вино и ракија,
појди в племна - запали ја!
Сркни каша - попари се,
косни риба - убоцај се!

Шапкарев собирал коледарски песни, еве некои од нив:

Коледица варварица, сива, сива гулабица
долетала од планина, и донесла убаина.
Коледица варварица, бери пења за вечера
мене ми се вечера, оти пиле ми загина,
од море до море, во царичини дворои.
Царица го нагазила, и цревцата му истурила.
Циу цвиц ми сторило и пилето си умрело.

По битолцќи Кoледица меледица,
и по неа Василица, и по неа дава, дава,
еднаш ни сте во година како цвеќе во градина.
Збирајте се дечиња, стред село на грејачка,
огон да си палиме, за да се изгреиме,
оти после ќе одиме, Коледа да викаме,
костење да збираме, за Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме, и прасе да јадиме.

Колете, бре селани, дебелите крмнаци,
оти Божик ќе дојдит у селого на гости.

Олеле, деде, паднало греде,
отепало дете, дедо се влечи,
баба го плачи, и си го теши:
Молчи ми старче, кусо магарче,
подај ми праче, да не ти к`лвнат,
твоите гурелки. Подај ми камче,
да удрам петле; да не ти к`лвни,
твоите мрсулки.

Во својот пост Коледе почитуваната Ванковска ја мачи тоа што толку рано наутро доаѓаат коледерчиња, што не се само од соседството - но највеќе ја мачи содржината на најпопуларната песна Киледе леде, каде се спомнува (морбидност) дека дедото е утепан (нели паднал од греде), каде има крв (колење на телето) - веројатно со право бара појаснувања за „...што има тука заедничко со продуховеност, со вера во љубов, добрина и човекољубие?...“ Ванковска е одавна деклариран борец за човековите и особено детските права, правата на маргинализираните групи и со право ова го запрашува. Вистина во песната се вели:
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Значи сепак телето не се коле, поради неговата молба во песната. Некој кој е многу постручен од мене етнолог на пример, ке ги даде одговорите - знам само дека песните се со шалива содржина за да предизвикаат смеење/радост. Во Кавадаречко особено но и во други места (Кумановско...) во овие денови се пеат и песни со еротска содржина - но тоа ке го оставам за посебен пост. Раното доаѓање на дечињата не треба да не секира, тоа е сепак еденшка во година и е прастар обичај и традиција - нели коледарчињата се предвесници за доаѓањето на големиот ден Божиќ и раѓањето на спасителот Христос. Тоа дека има деца што и не се баш деца, кои не ги препознаваме е еднодневна можност на некои сиромашни луѓе, неколку дена да обезбедат јадење за себе и фамилиите. Сепак останува некој многу постручен да и одговори на оправданите прашања на Госпоѓа Ванковска.

За да ги разбереме Коледарските огнови денешните Коледарчиња и нивните коледарски песни убаво е да го прочитаме стручниот пост на етнологот istocna од блогот lotosovite gradini, Зимскиот циклус обичаи - ке цитирам мал дел од постот:
  • Според христијанската митологија односно битовото христијанство, на Божик се слави раѓањето на Младиот Бог, чија смисла може да се разоткрие во древните претстави за раѓањето на “новото“ Сонце.
    Овој циклус на обреди , почнувајќи од Коледе, со обредното палење оган како момент на иницијација кога момчињата над 12 годишна возраст поминуваат од состојба на аморфност во светот на возрасните ( називот потекнува од древните римски `Календи` , посветени на зимското “мирување“ на сонцето ), Бадник, Божик, Василица односно Стара Нова Година, па `се до Водици, е оној граничен период меѓу Старата и Новата Година познат како “Некрстени денови“ или “Зло време“ – време на демони и нечисти сили, односно време на деструктивност и хаос. … повеќе на самиот пост (за жал затворен е за коментари-источна веројатно сеуште не се снаоѓа на новата платформа, гледам дека стариот блог не и е пренесен – можеби има проблеми …)
Еве неколку чинкови од интернет на истава тема:

No comments:

Blog Archive

Site Meter