Шлегово е село во непосредна близина на Кратово ... и е составен дел на Општина Кратово ... За блискиот Писан Камен имав пишано напис порано ... но сега малку повеќе за самото Шлегово ... за старите и поновите куќи на Шлегово ... за Шлегово кое - не личи толку на село ... за Црквата “Пресвета Богородица“ ... за старите куќи во Шлегово ... за Шлеговчани/ки ...
На интернет за Шлегово има многу малку неколку написи од весниците ... неколку фотки ... тајни копања и барање на старото злато ... линк 1 ... линк 2 ... линк 3 ...
Се спомнува за Душко Наневски поет, литературен критичар и есеист. Се спомнува Лидија Димковска ... која ги спонува лозјата/лозниците во Шлегово кои имаат специчност не само за Шлегово туку и за Кратово - да ги красат дворовите и да прават настстрешници кои им прават сенка ... во сезоната и ги засладуваат со своите плодови ... се разбира чашка ракио и вино на трпезата успут ...
Во блиска околина на Шлегово има многу траги од ископувања во старите јами - кои биле активни дури од античко време ... Во јамите се пронајдени многу артефакти ... меѓу кои и фигурина на богот на рударите Херакле - заедно со рудар кој го поздравува со римски поздрав ... За овие артефакти владее голем интерес и на странската стручна јавност особено на Француската ... Во тие јами има верувања дека до ден денешен постојат скриени големи количини на злато ... оноа кое го бараа “дивите и питомите“ копачи во Шлегово ... Види погоре три линка за тоа ...
Името на Шлегово скоро сите го врзуваат со старите Шлези кои се тука дојдени да ја експлоатираат богата руда во Шлегово (олово, цинк и благородни метали ... особено злато и сребро ...) формирале своја колонија ... Можеби затоа мене Шлегово и не ми личи на типично македонско село ...
За Шлегово се врзува една интересна приказна која попат ми ја раскажа Стевче Донев од Општинскиот центар за карпеста уметност од Кратово - кој беше љубезен водич на турата ... специјалист за Кратово и кратовско ...
Имено поради свои причини богатите луѓе од Шлегово па и сите Шлеговчани/ки - измислиле свој специфичен јазик Шлеговски ... нешто како Шатровачки ... таканаречен мајсторски говор - говор на многуте занаетчии од Шлегово ... Фурнаџии, Налбати (луѓе што подковуваат коњи и други говеда ...), Ковачи, Шивачи, Качари, Корпари, Самарџии, Влачари, Месари, Киради (превозници на стока со коњи, мазги - кои со по триесетина товара често оделе за Солун и Ќустендил - набавувајки газија и други потреби за Кратово и околината ...) ...
Значи со испревртени зборови се разбирале само тие меѓу себе (анаграмски начин на говор ...) ... Шлегово е познато и по фурнаџискиот занает ... И денеска ги бива - имено го пробавме специфичниот нивен леб ... кој може да стои свеж со денови, а има и специфично убав вкус и мирис ... Во поново време овој говор служи за мајтап со оние кои не го разбираат ...
Секое шлеговско семејство во дворот има специјална фурна за леб ... која служела и за печења на прасиња .... мммммм ... Секој двор има и лозница ... бунар а често и кладенец - извор на питка вода ... броен добиток во шталите и особено многу кози - кои се специфика за Шлегово ... Шлегочани особено добро имаат усовршено правење на вино и домашна ракија од своите лозници ...
Некoјпат во Шлегово имало и централна фурна која денеска не постои ...
Шлегово ја краси прекрасна црква посветена на Пресветла Богородица која се наоѓа насред село ... градена 1861 година ... веројатно на основи на некоја постара црква ... Црквата однадвор прекрасно изгледа ... убаво е одржувана ... белег од надвор даваат убавите гравури на животни кои се наоѓаат на надворешните зидини ... има некоја симболика во нив ... Пред некоја година реобновен е тремот и оградата на Црквата ...
За Црквата има мала приказна за клучот со кој се одклучува црквата ... Имено тој е правен од вистински мајстор на клучарскиот занает ... украсен со прекрасно ланче ... Постои верување дека тој што прв ја отвара црквата со овој клуч - клучот му носи среќа .... Црквата е највеќе посетена во неделите кога доаѓаат и кратовчани ... Тогаш уште во рани зори доаѓаат трагачите на среќа и бараат тие да бидат за тој ден - што ке ја отклучат црквата ... за да клучот овојпат нив им донесе среќа ...
Особена убавина на Црквата дава Звонарникот - Камбанаријата де ... кој прекрасно архитектонски се вклопува во самата Црква и околината со старите селски куќи ... за кои веќе реков дека заличуваат на кратовската школа на градење на куќите ... Камбанаријата е градена неколку години по завршувањето на Црквата ... собирани се доброволни прилози од целото село ... некој давал пари ... некој злато ... некој кој што имал ... Звоното е донесено од Серес Егејска Македонија ... Звоното било обложено со златни букви кои “нестанале“ во текот на втората светска војна ... Но и ден денеска Шлегово ечи од звонењето на звоното кое има продорен глас и се слуша на многу далеку ...
Шлегово има уште една црква во склоп на селските гробишта “Свети Никола“ ... но на оваа, на “Пресветла Богородица“ - Шлеговчани/ки се посебно горди ...
Внатрешноста на црквата е иконописана ... Особено е интересен фактот дека тука се донесени неколку уникатни фрески сликани на кожа кои се донесени од блискиот Манастир во месноста Здравче Камен ...
Внимание ми предизвика едно живописано платно кое служело некојпат за Процесија ... истото е прилично старо и чинам дека заслужува итна конзервација ...
Како до Шлегово ?
Од Скопје до Кратово имате 96 километри ... од Кратово до Шлегово уште неполни 5 ... Покрај патот во близината на Осоговските планини има прекрасна визура од природа и чист воздух на претек ...
Кратово и Шлегово можете да го посетите и сами но ако сте група најдобро е да земете туристички водич ... за да Ви акцентира и појасни некои детали ... Добар водич за Кратово и околината е Стевче Донев од Општинскиот центар за карпеста уметност од Кратово - кој беше љубезен водич и на оваа турата ... специјалист за Кратово и околијата ...
Шлегово се наоѓа на следните географски координати ... 42° 3' 59" North, 22° 9' 42" East ... А ако сакате да го пронајдете на Google Earth кликните тука ...
No comments:
Post a Comment