Утре по нашиот црковен календар е Задушница Свети Никита Исповедник, епископ Халкидонски; Светата маченичка Еликонида;
Обичаите на Задушница се симболични. Со принесувањето на дарот симболично се претставува бесмртноста на човековата душа. Се носи вино, пченица и лепче. Виното ја претставува крвта Христова, лебот е телото Христово. Пченицата е симбол на воскресението. Додека житото не скапе, не може повторно да никне. Така и човекот не може да воскресне додека не умре.
Над гробот се палат свеќи. Тие го симболизираат царството Божјо зашто тоа е секогаш светло. Палејќи ја свеќата, луѓето се молат душата на мртвиот секогаш да биде во близина на Божјата светлост.
За Духовден кај народот, низ вековите, се врежало верувањето дека на Духовден се симнуваат душите на мртвите. Но, црквата вели нешто друго. Овој ден не е посветен на мртвите. Духовден е роденден на црквата. На овој ден во Ерусалим, Светиот Дух слегол над апостолите. Свети Петар одржал говор пред насобраниот народ и го проповедал словото Христово. Бидејќи се работи за слегување на Светиот Дух, подоцна, православниот народ тоа го поврзал со слегувањето на душата на покојникот. Мислејќи дека е исто, настанал обичајот да се оди на гробишта и на овој ден. Традиционално, на Духовден, гробиштата се посетуваат навечер и се седи до утрото. Народот верува дека таа ноќ ќе слезе душата на покојниот и ќе даде некаков знак.
Народните обичаи велат дека на Духовден се разменуваат бардиња за вода. Светиот Дух се споредува со живата вода, оттаму и овој обичај е многу близок до христијанските верувања. Во поново време, на гробовите се разменуваат помодерни предмети за пиење вода како што се украсните чаши. При раздавањето, се кажуваат молитви за спокој на душата на покојниот.
Во Македонија, обичаите за Духовден се разликуваат од место до место. Во некои краишта воопшто не се оди навечер на гробишта. Дента, гробовите се покриваат со лисја од орев. Оревот е симбол на пламени јазици со кои се претставува благодатта божја, а шуштењето на оревовото лисје го симболизира слегувањето на Светиот Дух над апостолите. На Духовден, црковните свештеници не пеат на гробовите. Овој ден е господски празник, празник на радост.
Бдеењето кај гробовите нема никаква врска со православната црква и ние воопшто не го поддржуваме овој обичај, велат луѓето од црквата. Тоа е еден обичај што во Скопје навлезе во последниве половина век, главно од некои градови од внатрешноста на земјава.
Задушница, заедно со обичајот Духови, е празник кога живите се молат и им оддаваат почит на мртвите, бдеат преку ноќ на гробовите, раздаваат "за душа", да им се најде на оној свет.
Задушница е еден од трите дена на Црквата во кои живите се молат да им бидат простени гревовите на покојниците.
Така останало, за Духови да се седи ноќта крај гробот, да се разговара и да се носи јадење и пиење.
Животот не завршува со смртта. На трите задушници во годината - велигденската, духовденската и митровденската се молиме за проштевање на гревовите на мртвите, кои можеби се во пеколот, оти тие самите не може да измолат прошка. За извршување на обредите се потребни само четири работи што верниците треба да ги донесат на гробовите: варена пченица, лепче, црвено вино и свеќи.
Нашиот познат толкувач на митологијата, господинот Вражиновски, во својот "Речник" (Матица, Скопје, 2000) вели дека,
-според преданијата, задушниците се денови посветени на мртвите и тогаш живите воспоставуваат контакт со нив. Кога ќе се сретнат тие ги разменуваат вредностите меѓу овие секогаш далечни светови.
- Според народните верувања, дуовденските задушници се најзначајни за релациите меѓу живите и мртвите. Тој ден, значи оваа сабота, пред да се затворат во црната земја, душите треба да се задоволат. Тие се како сенки, или како мора, нематеријални и бесмртни, излезени од градите, крвта или коските на луѓето.
-Според преданијата, душите најчесто престојуваат во гробот што се подига најдоцна една година по смртта на телото и за да се повикаат неопходно е да се изведат некои обредни церемонии со темјан, варена пченица, нашаран леб, восочна свеќа, готвени јадења. Тоа не значи дека, ако дојдат на видување, сигурно ќе воспостават контакт со живите. Може да се тука без да знаеш, вели митологијата, затоа обиди се тивко да им се доближиш или барем да го почувствуваш нивното влијание што се прелева низ времињата, меѓу една и друга задушница.
No comments:
Post a Comment