Search This Blog

Saturday, June 09, 2012

Трошки


Сеќавање од детството во време пред земјотресот. Живеевме кај Универзална а имав тетка која живееше во Автокоманда. Ги паметам автобусите тогаш оние вистинските двоспратни од Leyland. Последна автобуска на тогашна двојка беше кај сегашната слаткарница Апче на кривината кај Градежен факултет а последна на двојка во Автокоманда беше кај оној споменикот од бетон кај Автокоманда. Автобуките билети за работничката класа беа скапи и најчесто на гости одевме пешки. Ке дојдевме до кејот на Вардар и по левата страна на кејот на Вардар одевме покрај дрворедот од багреми (чинам дека беше) по крупната коцка и обична калдрма која имаше и тротоар. Ке пресечевме кај саем, тогаш старата зграда на Воена Болница, па ке поминевме низ дворот на црквата во Автокоманда „Храм славе“ и потоа кај тетками на ручек.

Често и спиевме во Автокоманда на еден кревет спиеа тетками и сестрами а на другиот кревет јас и братучедот Аце. Тетками имаше мрзливец кој ја гаснеше/палеше сијалицата од самиот кревет. За да заспие побргу тектками ке речеше, ај оној кој прв ке заспие нека се јави.

Утредента обавезно ке ручавме кај тетками. Ручек како ручек, но паметам една практика која се однесуваше на трошките од лебот кои остануваа по сечењето на лебот или ронењето на масата на која обавезно имаше мушама. Кога се ке изедевме и ке ги излижевме прстите Аце ритуално ги собираше трошките од лебот со едната дланка а ги чекаше во другата и лап, ке ги лапнеше слатко.

Лебот од секогаш се почитувал. Пораснавме со леб и маст во солена верзија со крупен сол на него и алева црвена пиперка или буковец и блага варијанта маст со посипан шекер. Немаше теорија лебот да не се изеде, тоа се сметаше за грев. Ако пак веќе ке се случеше на улица да не го изедам целиот леб ке го бакнев и ке го подадев на некое животно, куче, маче ...

No comments:

Blog Archive

Site Meter