Search This Blog

Thursday, October 12, 2006

ВРТИМУШКА

И ова е една од игрите од моето детство. Тоа беше игра за “побогатите деца“ - ако воопшто имаше такви во мое време - време кога сите некако бевме “подеднакво сиромашни“ .... Време во кое главно детско јадење беше - леб и маст - (немаше маргарин - а маста се мачкаше на лебче и се посолуваше со сол и црвен пипер или со шекер - мраз)...

Имаше еден чичко, кој осем со продавање на вртимушки го видов и во други две улоги во животот:
- “старо куууупујеееееееем“ ( со него не плашеа родителите кога ке згрешевме нешто - многу јак глас имаше...)
- “поправам чадори и острам ножеви“ (чадорите не беа тогаш 70 денари - се поправаа - како впрочем и кондурите “лепење и пенчетирање“ - како и пантолоните и кошулите - кои се крпеа..)

Овој чичко шеташе меѓу зградите и со едно округло колце кое му служеше за оштрење - со две клешти и едно чеканче - вадеше парче леб за фамилијата си ...

Е истиот тој чичко продаваше и “вртимушки“. Тоа беше направа која се состоеше од една округла вртимушка која на на едниот крај имаше шпиц кај што се вртеше а останатото беше во форма на крушка изработена од дрво. Шпицот понекогаш беше од шајка.

Другата справа беше камшик. Кратко парче стапче на крајот врзан со околу пола метар тенко исечена кожа.

Ке ја завртевме вртимушката на рамно - обично тврда земја ... Асфалт немаше - немаше ни патеки и ако ги имаше тие беа калдрми - а бетонот беше прескап за да се употребува како патека .... Првата патека од бетон ја имавме ние - околу нашата зграда ...

Тоа беше патека од метро ширина - околу цела зграда и служеше како изолација од продор на вода во подрумите. На патеката кај олуците имаше мајсторско направен прихват на вода и мало каналче до надворешниот раб на патеката. Патеката ни послужи за многу игри (но за нив во друг коментар)

Да се вратам на вртимушката - ке ја завртиш со рака и после со камшикот ја удираш на долниот крај од вртимушката и така победува оној кој подолго непрекинато ја врти вртимушката ... Колку време се вртеше вртимушката, незнам во тоа време реткост беше да најдеш чичко кој имаше сат - и ако имаше таков тие беа мали сати кои закачени на синџирче стоеа во малото џепче од елекот на чичкото ...

Чичко колку е сат ке прашавме ... а тој полека со значаен покрет на раката, ке го извадеше сатот ... ке го одалечеше од себе и онака со поджмиркање ке погледаше и ке кажеше десет и петнаесет ...пред да го врати сатот во малото џепче ке го погалеше саатот со палецот ... ке не погалеше по главичките и ке си продолжеше ...

Дома сите имавме сати но тие беа од оние робусните - кои кога ке зазвонат ке го пробудат и “мртвиот“. Домашните сати имаа свои места на зидот во мали кутии со стакло напред. До сатот на мала полица обично стоеше и радио - “Тесла“ или некој друг постар модел ...

Побогатите има зидни сати со клаталки - кои на некои позначајни сати 12 или 6 ке кликнеа или испуштеа некој звук толку пати колку што беше саат, а во секој почеток на одреден сат ке кликнеа еднашка (овие сати вообичаено стоеа во ходниците) ....

Во подоцнешните периоди имам видено Вртимушки кои беа од пластика (имаше такви и со батерии кои светкаа) и се вртеа кога ке ги притиснеш надолу и тие со некаков механизам - ке добиееа центрифугална сила и ке се вртеа извесно време ...

1 comment:

Photo Volan said...

Околу лебот и маста во разни варијанти - имам една сторија која тука ке ви ја раскажам ...

Со сестрами која е неполни три години постара си игравме многу игри по дома ... но и се храневме самостојно .... Омилено ни беше леб маст и шекер одозгора и со нож ке го зарамниш и ке се направи како мраз .... После со ножот ке направевме колачиња во вид на баклави ....

Сестрами веднаш ке го изедеше лепчето - а ке пробуваше да ми открадне по некое од моите “колачиња“ ... Јас ке се лигавев - леле колку се убави .... Се правев како не гледам во колачињата туку во таванот .... но со едно око внимавав да не ми се одкрадне некое колаче ... Сестрами стално успеваше да ми одкрадне по некое се до еден момент кога не ја дочекав со ножот и плес по раце ...

Потече крв - сестрами легна на пархет и се преправаше дека е мртва... и јас многу се исплашив ... и право под кревет и ги покрив очите ... Сестрами која беше голем зезант ... Се утепа после од молење да излезам од под креветот - онака преплашен .... Но лузна на раката и денеска има ... Фала му на бога што ножот беше туп ... Чичкото оштрач не го беше наострил тој нож...

Инаку према лебот како деца имавме голема почит ... Леб беше греота да се фрли ... (така не учеа родителите...) ...

Кога ке ни останеше парче леб ... не ти се јаде веќе ... ке го бацевме лебот и ке го ставевме во олук ... да не види никој ...

Blog Archive

Site Meter