Сите мои написи во врска со темава можете да ги пронајдете по линковите на последниот пост на темата: АРХЕОЛОШКА МАФИЈА ВО МК (ИМА-НЕМА)
Сега сакам да ви преставам три написа на весникот Време, кои се пишани во периодот крај на 2005 и почеток на 2006.
1.МАКЕДОНСКА АРХЕОМАФИЈА (1), Молчи и копај, парата е добра!
2.ИСТРАЖУВАЊЕ МАКЕДОНСКА АРХЕОМАФИЈА (2), Што сакаа да откопаат Фрчкоски, Владо Поповски и брат Љубе?
3.ИСТРАЖУВАЊЕ МАКЕДОНСКА АРХЕОМАФИЈА (3), Крадењето на црквите „ад акта“
Постов е малку долг – но оној што го интересира темава секако ке го прочита. Се надевам дека на Симпозиумот во Делчево (од 25 до 28 овој месец) нашата Археолошка фела ке ги допре и овие теми.
Написите се пишувани од
Надица Апостолова и
Маја Пандева
Во првиот напис МАКЕДОНСКА АРХЕОМАФИЈА (1), Молчи и копај, парата е добра! – авторките на написот велат:
“Тој што ќе го пронајде гробот на Александар Македонски ќе стане безмерно богат. Така барем веруваат луѓето што го бараат некаде на Беласица. Упорно се трага и по пленот на Александровата фаланга, донесен од освојувачките походи, но и по гробот на ќерката на царот Самуил, за кој се верува дека е некаде во преспанскиот регион. Тони и тони злато се кријат под оваа наша македонска земја, а археомафијата се труди да ги пронајде и да ги откопа.“
Понатака во написот ги посочуваат ударните локалитети:
“Диви копачи, дилери, археолози, нарачатели и колекционери - сите заедно, предводени од недопирливите босови на археомафијата, смислено, систематски и организирано ја пребаруваат нашата земја, трагајќи по непроценливо богатство. Ударни локалитети се Исар-Марвинци, Милци, Вардарски рид, Каракуш во близината на Дојран, Требеничко кале, Вајтос, местото Рамне на Галичица, Стибера во Прилепско, Гарван-пештера во Тиквешијата и многу други, кои не се евидентирани во археолошката карта. На овие локалитети секој трага според својата приказна.“
“Исар-Марвинци е нашата најпозната дивокопачка „сага“. Полицијата се сомнева дека денес локалитетот го контролираат две организирани банди. Локалитетот не е добро обезбеден, па тие непречено работат. Инаку, „заслугата“ за откривањето на овој „мајдан“ му припаѓа на извесен Б.П., сопственик на неколку златарски дуќани и главен бос за валандовскиот регион. За него во 1993 година биле раскопани и уништени 900 некрополи (гроба), кои датираат од железното време па до доцната антика. Б.П. во неколку наврати бил откриван и кривично гонет, но секогаш се извлекувал.“
“ Галичица е национален парк, но и цел на дивите копачи. Таму се трага по гробницата на ќерката на царот Самуил и по сарајот на жената на еден познат бег од Охридско. Месното население од Велестово кажува дека во месноста Рамне се копа ноќе, со мали липкери и со детектори - се бара злато, а местата брзо се камуфлираат. Градината Вајтос, локалитет што се наоѓа меѓу селата Вевчани и Октиси, ја контролира месното население. Тие се поделени по атари и трагаат по злато. Никој никому не смее да му се меша во атарот, а молчењето е поскапо и од златото. Секој обид да ги испровоцирате да проговорат останува безуспешен и опасен.“
Понатака во написот авторките на написот – зборуваат за вредноста на пооделниот тип артефакти:
“ Продажната цена на еден сантиметар од бронзените фигури и од раритетните теракоти на нашиот пазар денес е 1.000 евра, а на странскиот пазар дури 1.500 евра“
Авторките биле амбициозни и во интервју со Драган Несторовски, виш инспектор во Секторот за насилен криминал во одделението за организиран криминал при МВР, еден од двајцата инспектори во државава задолжени да се справат со археомафијата – посочуваат:
“ Се проценува дека бројот на луѓето вклучени во „бизнисот“ (не сметајќи ги организираните групи од Бугарија, Грција и од други држави) е стравотен. Тешката економската ситуација мами многу луѓе, меѓу кои и чесни земјоделски семејства, да се вклучат во потрагата по брза заработувачка. Но, сепак, јавна тајна е дека на целата работа и кумуваат и археолози. “
“Нашето истражување покажа дека археомафијата со децении е поврзана со државниот врв. Распродажбата на македонското археолошко богатство се толерира, па дури и се поттикнува. Високи политички личности директно раководеле со некои диви ископувања. Археолошки архиви намерно биле уништувани. Неколку големи акции, во кои се запленети предмети, се спречувани, а одземените предмети дури брутално им биле враќани на арамиите. Таа практика, за жал, трае до денешен ден.“
Во продолжение на првиот напис авторките посочуваат каде по нивно сознание завршуваат артефактите:
“Дивите копачи не се само орудие во рацете на мафијата. Тие учествуваат и во менувањето на историјата на Македонија. Грците, со кои спориме за името, преку дивите копачи ги исцрпуваат сите можни докази од железното време, период за кој најмногу се заинтересирани, за да докажат дека ние сме само словенски доселеници на оваа почва. Станува збор за археолошки предмети од времето на Филип и Александар Македонски. Додека ние ги оставаме нашите локалитети неистражени, поради недостиг од пари, Грците преку своите дилери ја завршуваат работата.“
Во интервју со Илчо Бојчевски, раководител на одделението за превенција на споменичкиот криминалитет при Управата за културно наследство – авторките на написот посочуваат:
“Во Солун постои откупен пункт, каде што нашите дилери ги носат предметите од железното време.“
“ Познато ми е дека јужниот сосед од буџетот одвојува средства што се префрлаат на катедрата по археологија на солунскиот универзитет. Со тие пари се ангажираат соработници и транспортери и со помош на овдешни, локални луѓе, тие доаѓаат до вредни артефакти. Практично, црниот фонд им е во функција на целата политичка борба против нас.“
Горново е зајакнато со изјава на Милан Ивановски, археолог, советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар. – кој посочил: “ Додека Грција сестрано ја помага науката, на нашите институции фактите им бегаат од рака.“
На крај на овој напис – авторките завршуваат со:
“ И ние имаме Институт за археологија, но тој е интерен, факултетски, нема пари и право на самостојно истражување, ниту археолошки збирки. Неговата моќ е неспоредлива со онаа на јужниот сосед.
По толку врева против дивото копање, на Исар-Марвинци и понатаму се „работи“, на некои локалитети дури и со липкери, а Македонија од бандите диви копачи ја чуваат вкупно двајца инспектори“
Во вториот напис: .ИСТРАЖУВАЊЕ МАКЕДОНСКА АРХЕОМАФИЈА (2), Што сакаа да откопаат Фрчкоски, Владо Поповски и брат Љубе? – авторките даваат сторија во која во копањето по археолошките локалитети се вклучени наши тогашн видни политичари- кои организирале потрага по скриено богатство на некој локалитет меѓу Радовиш и Штип.
“За оваа намена беше набавен детектор од 100.000 долари и не беше дозволен никаков пристап на теренот. Откако беше направена огромна штета и беа уништени три тумули, тие се повлекоа, а нам, за да ни ги затворат устите, ни доделија средства за санирање и за истражување на локалитетот - сведочат археологот Милан Ивановски и инспекторот Илчо Бојчевски.“
“ Аферата брзо било забошотена, а по неколку години била повторена истата грешка, овојпат од страна на тогашниот министер Љубе Бошковски. Заведен од приказната за злато што се криело во кратовскиот регион, оставено при повлекување на војската од Првата светска војна, тој почнал ископувања. Но, наместо златото по кое се трагало се нашла руда за правење шамотни печки.“
“ Во 2000 година, на потегот Струмица - Радовиш, според картата на еден струмичанец, требаше да бидат откопани 20 тони златници од времето на Александар Македонски. Замислете, тој поседуваше уредна дозвола од Министерството за финансии за спроведување на оваа акција - вели археологот Ивановски.
Оваа тридневна авантура го чинела дивиот копач 15.000 германски марки и кривична пријава за поткопување на магистралниот пат. Од договорот 20 наспрема 80 од откриеното во корист на државата не излегло ништо.“
“ Но, јавна тајна е дека одвреме-навреме и припадниците на НАТО стационирани во Македонија се врткаат околу археолошките локалитети. Една таква "археолошка експедиција“ на 80 германски војници во близина на Дојран беше откриена од локалната полиција, во април 2000 година. Овој настан портпаролот на НАТО во Скопје тогаш го објасни како „историска екскурзија“. Вакви „екскурзии“ и денес се случуваат пред нашите очи и сведоци сме на културна катастрофа со која се губат многубројни археолошки артефакти.
На крај авторките на написот – ја допираат темата на презентација на артефактите на јавноста и обвинуваат дека:
“... откриените археолошки предмети упорно остануваат далеку од очите на јавноста - само во Стоби има 18.000 такви предмети, кои кога не се презентираат, како и да не постојат!“
“.. познатиот германски археолог Драгендорф, кој во Првата светска војна од дојранско-валандовскиот регион ги однел првите докази од македонското железно време..“
На крај на овој втор напис авторките заклучуваат:
“Археолошкото богатство на Македонија еден век се краде и се изнесува во странство. Но, дури денес владее вистинска златна грозница. Помогнати од Македонскиот институт за медиуми, Надица Апостолова и Маја Пандева се обидоа да и влезат во трагата на македонската археомафија. Нивното истражување доведе до единствен заклучок - нашето археолошко богатство и денес систематски се краде, а во тоа учествуваат видни личности, министри, дури и државни институции. Ова е второто продолжение од оваа фасцинантна истражувачка сторија“
Во третиот напис на авторките на овој серијал за Археомафијата во МК - ИСТРАЖУВАЊЕ МАКЕДОНСКА АРХЕОМАФИЈА (3), Крадењето на црквите „ад акта“ – се занимаваат со перманентното крадење овојпат од Црквите и Манастирите во МК.
“Нема археолог што не знае за вредните колекциите од предмети од македонска почва што се однесени во белградските музеи, како на пример збирката на Црниловиќ, сега поставена во Манаковата куќа. Оваа богата збирка содржи 20.000 фотоплочи, документи и записи од Вардарска и од Егејска Македонија. Но, за љубов на вистината, треба да се каже дека Црниловиќ пред да си замине од Македонија и ја понудил збирката на државата, но некој моќен решил дека таа не треба да се задржи. Дали тоа се случило сосема случајно?“
Авторките посочуваат дека некој се потруди да уништи доста архиви :
“ За односот на нашата држава кон културното наследство на овие простори речито зборува и податокот дека во 1972 година тогашниот Републички секретаријат за внатрешни работи (денес МВР) ја уништил целата документација што била водена за уништувањето и за крадењето на црковното богатство - како „застарена и неважна“.
“Вината за одлевањето на културното богатство треба да ја бараме првенствено во односот на државата, велат доброупатените. Според три члена од Кривичниот закон (264, 265 и 266), почнувајќи од 1996 година до денес се поднесени 118 кривични пријави против 222 сторители на вакви кривични дела. Но, тие секогаш добивале само условни казни. Сега имаме нови закони (казните за дивите копачи се од една до десет години затвор, во зависност од делото и од вредноста на изнесениот материјал), но, како што вели народот, волкот влакната ги менува, но не и табиетот. Имаме многу бизарни примери кога кај некои дилери и на аукции биле откривани раритетни колекции од наши локалитети, а на нашите стручњаци не им било дозволено ни да ги откупат. На овој начин е загубена трагата на многу вредни колекции.“
“ Драган Несторовски, виш инспектор во МВР, раскажува за една случка од 1997 година, кога полицијата добила податок дека ќе се изврши препродажба на археолошки предмети што имаат многу висока вредност.
- Во тридневна рација по домовите во неколку града низ Македонија беа одземени околу 3.600 предмети. Против прекршителите беа поведени судски постапки. Но, да биде иронијата поголема, процесите се одолжуваа додека судските предмети не застареа. Причината беше вмешаноста на влијателни личности. Не само што тие не добија никакви казни туку бевме принудени да ги повлечеме пријавите и да им ги вратиме одземените предмети. Меѓу вратените предмети имаше и вредна нумизматичка колекција, која во тоа време беше проценета на 1,6 милион швајцарски франци - се сеќава Несторовски. “
“ Луѓето искрено загрижени за последиците на археомафијата велат дека постои само еден вистински начин да и се застане на патот - да се засилат легалните истражувања. И покрај сите уништувања, Македонија изобилува со вакво богатство. Добрите познавачи велат дека неколку археолошки локалитети се чуваат во строга тајност, бидејќи кријат старо злато со кое би можеле да се покријат внатрешниот и надворешниот долг на државата. Или да се наполнат многу џебови на мафијашите. Останува да видиме што ќе се случи.“
На крај на серијалот авторките заклучуваат:
“Археолошкото богатство на Македонија еден век се краде и се изнесува во странство. Но, дури денес владее вистинска златна грозница. Помогнати од Македонскиот институт за медиуми, Надица Апостолова и Маја Пандева се обидоа да и влезат во трагата на македонската археомафија. Нивното истражување доведе до единствен заклучок - нашето археолошко богатство и денес систематски се краде, а во тоа учествуваат видни личности, министри, дури и државни институции.“
Секоја чест на авторките, мојот наклон и им симнувам капа ....
No comments:
Post a Comment