Search This Blog

Monday, August 28, 2006

ГИНОВЦИ - Горан Стојковски

Горан Стојковски, цариник и долгогодишен спортски риболовец од кривопаланечкото село Гиновци, е еден од ретките луѓе што го побиваат многу распространетото мислење дека во земјава живот има само во Скопје, а помалите места, особено селата, се мртви или пред замирање.
Во ова село, на стотина километри од главниот град, тој направил вештачко езеро за спортски риболов, ексклузивен ресторан, мала зоолошка градина и развил бизнис за кој можат да му позавидат и многу скопски бизнисмени. Неговиот комплекс, наречен „ресторан Парк - рибник“, се наоѓа во непосредна близина на автопатот кон Бугарија и е познат не само во кривопаланечкиот и во кумановскиот крај, туку и во високите скопски политички, деловни и дипломатски кругови.
- Бизнисот го почнав во 1999 година, но тогаш отворив само кафеана. Бидејќи сум риболовец долго време, увидов дека во овој крај недостигаат места за риболов. Вакви вештачки езера сум видел во повеќе земји, па си помислив зошто да не направам и јас едно тука - вели Стојковски.
Вкупно пет хектари површина зафаќа комплексот „Парк“ во Гиновци, во кој се сместени езерото, зоолошката, ресторанот и дворот, кој е уреден како парк. Само езерото зафаќа 5.000 квадратни метри, долго е 125, широко 50, а длабоко четири метри.
- Ова порано беше дупка од која се ископуваше руда бентонит. Таа се преработуваше во фабриката надвор од селото, што веќе не работи. Стоеше така долго време, па ја исчистивме и ја порамнивме, а потоа со цевки донесовме вода за да го наполниме и на крајот го порибивме езерото – раскажува Раде Стојчевски, татко на сопругата на Горан.
Ресторанот има три дела. Едниот е покриен и затворен и тој може да се користи во зима. Потоа има неколку маси покрај брегот, како и сплав на езерото, место што е најбарано од посетителите.
Околу целото езеро е направена пешачка патека, каде што луѓето се шетаат покрај жални врби, трски и други растенија. До нив се поставени чадори, клупи и столчиња, кои ги користат пред се рибарите.
Малата зоолошка, пак, е омиленото место на децата. Во мало езерце кое со поголемото е поврзано со тесно каналче пливаат патки, лебеди и други птици. Во кафезите, пак, има десетици зајаци, четири срни и неколку кози. Во посебен кафез се сместени фазаните и пауните. Се чуваат и диви свињи, кои сопствениците ги користат за обука на загари. Децата, сепак, најмногу го сакаат пони коњчето, со кое поминуваат добар дел од времето додека нивните родители се одмораат во ресторанот или наоколу.
Особено импресивно изгледа поплочениот двор, со многубројните цвеќиња засадени наоколу, покрај масите, до сплавот и пред зоолошката. Зад ресторанот има и бавча, од каде што се користи свеж зеленчук во кујната. Над сплавот, пак, се гради мало црквиче, „Свети Павле“, кое се планира да се освети и да се користи како верски објект.
СО ПРИВАТНА ИНИЦИЈАТИВА И УПОРНОСТ - БРАВО
изворно

No comments:

Blog Archive

Site Meter