Search This Blog

Tuesday, May 26, 2015

Камп и контракамп ... каков е крајот на таа “представа“

Се изнагледавме во МК нова историја  на разни кампови, од кои во поголем број случаеви кога се менуваше власта камперите влегуваа во вторите и третите ешалони на власта. Од еден од камповите имавме Министер за Надворешни работи, висок аташе во важна странска амбасада, многу директори по МК институции и т.н.

Сегашната атмосфера во двата кампа е релативно “мирна“, едните прават секојдневни представи со дневни дози на политика, музика и филм а кај другите важен е пинг понгот и порцијата чоколаден сладолед.

Сценаристите на овие два кампа немаат таква идеја со овие кампови. Некој посакува тука да имаме цврст судир на камперите со полицијата и на камперите со контра камперите. Да се исценира инцидент видовме дека е лесно. Ако се фрли искра на огин што тлее - огинот ке вивне. Нешто ке изгори во огинот додека да дојдат пожарникарите. Се плашам за нови жртви на глупите сценарија ... Ако  влезат “слоновите“ во нашата трева (камперските кампови), не само што тревата ке настрада, ке настрадаат и блиските куќи и живеалишта ...

Sunday, May 24, 2015

Кадија и Валија ...

Кој ни е крив што имаме такво судство каково што имаме, судство во кое не верува никој осем оние што се на власт т.е. оние кои ги бираат Кадиите (судиите де). Просто, пак ни се криви турците. Пет века е доволно многу за да тоа влезе во кодот на начинот на владеење. Бране ја знаеше тајната за односот на Кадијата и Валијата кога на Грујо по повод затварањето на А1 му велеше: доволно е само еден прав телефон да дигнеш па да се сопре затварањето на А1. Грујо тогаш му порача е ова не е време на Бране, сега судиите “се независни“. Колку се независни видовме од “Вистината за Македонија“ кога некои судии останаа должни доживотно “да плаќаат“ на оној кој “помогнал“ таа (судиката/ијата) да биде избрана/ан за судијка/а. Судиите биле пишувани по тевтерчиња и можеле да бидат бирани само ако се “од нашите“ ...

Толку ли е тешко да се направи независен систем на судство, копирајки ги усешните европски модели ...

Friday, May 22, 2015

Каде не води Груевски ...

Општ консензус на надворешната политика на МК до сега беа ЕУ и НАТО. Сите главни ЕУ амбасадори појачани со амбасадорот на САД упатуваат дневни демарши во поблага и потвреда форма дека Владата која ја предводи Груевски не е на патот кон ЕУ и НАТО. По којзнае колку години на некого му текна да игра на картата на Русија, веројатно мислејки дека таму се најсигурни ОфШорКомпаниите, каде веројатно веќе се паркирани неговите лични пари. Не дека не ја сакам Русија и рускиот народ (напротив, рускиот народ, руската душа и култура се дел од нашиот код), но да водиш про руска политика во време кога учествуваш во сите мисии на НАТО и си земја кандидат за прием во ЕУ - проруската политика е негирање на се што до сега си го правел.

А да си направиме една војна ние ...

А да си направиме една војна ние ... Кој е оригиналниот автор на оваа мудра мисла од малиот мозок на М.Протуѓер.

Wednesday, May 20, 2015

Лажен профил ...

Во социјалните мрежи се дуваат два меура. Секој во своето стадо. Последниве месеци секој ги блокираше лажните профили од противничкото стадо. Лажните профили сега џабе везат. Како политичка порака се слушна од устата од едниот пастир, кој всушност прв воведе центар за комуникации и разни кол центри, каде формирање на лажни профили е главна задача. Пастирот обвини дека противникот мисли дека ке победи преку неговите лажни профили. Кога политички противник ке обвини за нешто бидете сигурни дека тој самиот тоа го прави.

Tuesday, May 19, 2015

Камп Амди Бајрам ...

Сите отвораат кампови во Скопје. Решил и Амди Бајрам под Шутка да отвори авој автентичен камп. Па нели ние ромите сме најискусни во кампирањето, чергари сме од роѓење ... ги убедувал Амди. Наместо музика на Бах, Моцарт,Стравински и џез блуз - тука трешти турбо фолк. Ама Амди не е Амди/Кока кола - ако он има нема смислено план за изнајмување на своите чергари кои тајно вежбаат фрлање на далечина со патлиџани, компири и покварени јајца, но и со камења. Бекатон плочки се специјалност на албанците. Кој плати више од оние свилените кампери ке ги унајми овие тренирани борци за ефтини пари скоро џабе. Овие храбри војници со скапани, патлиџани, јаболки, круши и компири имаат и најтаен тренинг - кој плати дупло ке добије најтренираните војници кои фрлаат скапани патлиџани, компири и јајца со праќки ...

Протестен камп пред школка ...

Проблем. Каде сега секојдневно ке протестираат студентите и неопределените. Досега протестираа пред Влада и Собрание. Сега таму  партиите го окупираа просторот и подигнаа свои шатори. Остана незапоседнат едино просторот во Градски парк, пред школката ...

Камп и Контракамп ...

Во Скопје одамна нема ниеден Автокамп. Одавна оној последниот плац за автокамп кај Градски стадион е урнисан и сега е зградурина наречена Кинески зид. Повремено имаше кампови на оние кои протестираа пред собрание во паркот Жена борец. Прв камп на протестанти беше оној на оние кои се бореа против воведување на албански јазик во Педагошката академија. Некои од тие борци за демократија сега се во вторите и третите редови на ВМРО-ДПМНЕ. Последен камп пред собрание беше оној на стечајните работници. Кампот се затвори со прогласувањето на законот за стечајци.

Бев чул дека на протест авторитарни режими одговараат со контрапротест, но дека на протестент камп се одговара со протестен антикамп досега не слушнав. Каде ли мочаат/какаат овие камперите пред Влада и овие кои ноќва поставуваат шатори пред Собрание.

И двата кампа се всушност фејк, илимити по нашки мижи Асан да ти бајам. Сега треба Грујо да одговори на потегот на Заев тој да подигне свој шатор пред собрание и да спие со своите антикампери. Во ова време на кампови и антикампови во Скопје ке имаме бесплатни журки за двата табора на две различни места скоро на километар растојание. Ако продолжат да се шират на малкуте трева што остана во центар ке се спојат.

Monday, May 18, 2015

Трлото е спремно, се чекаат овците ... Аргач

Трлото е спремно, се чекаат овците ...

Дрворедите ги исекоа порано, сега им пречат и семафорите, Ке имало многу ОВЦИ.

Заедно


Одлична стрит фотографија на Mimoza Colak, каде две другарки покажуваат дека националноста не може да ги раздели туку некако да ги спои (бидејки веројатно се исти во душата), Ми ја стопли душата кога ја погледнав. Нивните светови, интереси и мисли се исти кога се заедно.

Saturday, May 16, 2015

Фер предлог, додека не почнала гладијаторската скопска Арена ...

Истовремено да дадат оставки Премиерот на РМ Никола Груевски со својата политичка дружина од најистакнатите членови кои учестваа на првите линии на власта и Зоран Заев со сите членови на СДСМ кои некогаш биле на истакната државна функција ... Предлогот ке упропасти нечии политички кариери, но ке се спасат животи на Македонци... Оставки да дадат и сите налепници од политичките партии во двата табора ...

Така ке се исчисти политичката магла и загаденост од двете криминални политички групи, кои како Курто или Мурто до сегаа го јаваа Македонскиот народ.

Скопска гладијаторска Арена ...

Влегуваме во клучната пресметка. Улогите на сите се одредени. Арената е микро исцртана, подиумот пред Владата на Република Македонија. Гладијаторите се долго тренирани. Оние кои ке даваат сигнали со палецот кој да умре а кој да преживее ке го прават тоа од безбедни локации со кока кола во раката и опклада за својот гладијаторски фаворит. Целта на гладијаторската борба е победа/смрт за противникот на некој од гладијаторите во сурови услови каде се уфрлааат и сурови зверови кој ја зголемуваат возбудата на “меѓународната“.

Нека господ ги чува животите на сите Македонци од двата гладијаторски табори. Би сакал да имаме мирно море, но бурата во Македонското море се зголеми ... 

Немирно море во/над Македонија ... дали е од Харп системите?

Македонија заплови во немирно море. Во морето пловиме со три брода гиганти придружувани со свои флотили. Едниот од бродовите сосе флотилите сигурно ке потене.

Во едниот брод плови актуелната власт. Во овој брод (украсен со гипсани антички фигури ...оние бронзените се оставени на копно бидејки тежат... од славното античко минато и комитскиот период, обоен со жолта боја) немирното море се осети со тоа што три крупни пацови се фрлени во немирното море. Едно зелено глувче веќе преку свој резервиран чамец го напушти бродот кој е оштетен од многуте “бомби“ прикажани во таканаречената “Вистина за Македонија“, нагло свтувајки влево... Останатите пацови од капетанот се цврсто врзани за палубата, ако потоне бродот ке потонат и они. А се знае капетанот последен потонува со бродот. Ке се спасат само некои околни бродови кои по хаваријата ке им треба бајаги боја да се пефарбаат во победничките бои. Од глвниот брод трештат патриотски песни/измешани со рафали од калашникови. Сето ова е комбинирано со поучни филмови од античкото и комитското минато на Македонија. Капетанот е сместен на најсигурното место, удобно завален во фотоеља на која има и масажери. Тој е во својот сон да биде впишан/обележан во митското минато на Македонија. Си нарачал скришом току воштани фигури и дал налог ако го снема (кога ке го снема, пошто нели сите сме гости на овој свет) да се истакнат сите воштани фигури во главните институции на Македонија. Ако потоне главниот брод ке потонат и голем број од малите бродчиња кои прилепено пловат десно со главниот брод. И да не потонат поради оштетување, морето ке ги повлече во моментот кога ке тоне големиот брод, бидејки пловат опасно блиско до главниот брод.

Другиот голем брод наречен “Вистината за Македонија“ со кој плови опозицијата, орјентиран со лев курс на компасот, чиниш (умислени се) дека со помош на пријателите ке го пронајде патот во густата магла и немирното море. Магла сејат сите. Се испушта и од двата главни брода, но и од некој друг (најгуст сејач на магла) кој не го гледаме, но знаеме дека сее многу густа магла од која некој со сигурност ке потоне. Бродот (кој плови со куп плави рози и на крмата има огромна стилизирана роза чиниш тупаница е) удира во високите бранови, удира и во сантите мраз, но сеуште е на површина. На овој брод наместо музика се слушаат “бомби“ со “Вистината за Македонија“, сечена лепена ... На бродот пловат многу прегладнети луѓе за власт. Постат веќе скоро десет години. Ако потоне овој опозициски главен брод со него ке потонат и бродовите од флотилата кои се преблиску до главниот бород (морето ке ги повлече на дното).

Единствен од најсигурните бродови е бродот на Али Ахмети. Тој ги има сите информации од своите менторни пријатели, кои му даваат сигнали сеуште да врти десно заедно со бродот и флотилата на позицијата. Он прв ке дознае дали и кога, во кој момент да заврти лево кон бродот на опозицијата. Он би сакал да плови лево бидејки е задоен со таа идеја од своето политичко детство (ленинисти). Блиску до него е и помалиот брод на Тачи звани “Војвода“ (верниот до гроб). Овој брод е толку оштетен што повеќето пацови од неговото бротче го напуштија а тој заедно со позицијата ке ја дели судбината. Ако она потоне и тој ке потоне како верно куче со својот патрон. Останатата флотила полна со албанско население лесно ке се приклучи на победниците. Тие знаат дека се мезимци на “меѓународната“. На време ке добијат сигнали дали да вртат лево заедно со Али или да си останат на десниот курс.

Оние кои не се определиле ни десно ни лево се чини дел ке потонат сигурно а дел ке се спасат со навремено напуштање на бродот Македонија.

“Меѓународната“ не плови во ова немирно море. Тие шпиунски гледаат/слушаат од високо и завалени во фотељи се обложуваат кој брод прв ке потене заедно со флотилите. Они свршуваат кога гледаат вакви филмови. Најскапо платени луѓе во нивните редови осем газдите се режисерите и сценаристите на вакви филмови во кои некој мора да потоне. Се е по узор на античките Арени и борбите до смрт со штитот или на него. Оној кој е побник во арената чека сигнал од палецот (нагоре или надолу) на патроните, дали поразениот да го погуби или да го остави жив да служи како гладијатор во наредната борба. Харпот е само измислица да им го мути мозокот на сите.

Friday, May 15, 2015

АВРМ вработува пензионери ... Македонија вработува

Агенцијата за вработување на Република Македонија е во акција да ги вработи сите со програмата Македонија Вработува. Изгледадека АВРМ ги вработи сите невработени па сега почна да бара работна сила и меѓу пензионери. Имено јас сум пензионер веќе пета година а АВРМ ми прати СМС порака да се јавам во АВРМ. Имено ме обавестуваат дека за да вработам само треба да се јавам во најблискиот центар на АВРМ ... Бре мајката колку лесно се вработувало ... Сега се думам, мала ми е пензијата може ке ми дадат поголема плата - или пак ке плаќаат со “ДОКУМЕНТИ“ ... ?

Thursday, May 14, 2015

Мајдан, Скопје понеделник 18 ? ...

МК мајдан не заврши во Куманово. Понеделнички како да се сели во Скопје. Одговорноста за ова ке биде на организаторите на протестите и контра протестите.

Денеска го слшав интервјуто на Али Ахмети на Алсат. Али не излегув уште од владата на Груевски. Се` си мислам дека уште не му се дадени сигнали дека треба да ја напушти владата (мислам на оне кои ги држат сите наши политичари на луткени конци, сеедно дали се албанци или македонци). Дали сценаристите процениле дека се премалку кумановските жртви па се бараат уште?

Марике


Утринава ми се јави постарата сестра да праша како сум и дали може да дојде да ме види. Иако имав температура и посоперативни болки сепак се согласив да дојде. Зазвони на врата, се симнав да и отворам. Марике (мајкам ми) повторно влегува во својата куќа, со две полни торби на рацете и ранец на грбот (сега во ликот на својата керка). Колку генот е непобедлив ...

Небезбедност ... Најбезбедност

Слушаме дека на нашите врвни политички авторитети им била загрозена безбедноста. Си велам сиромаси тие колку патат. Колку се под стрес па мора во блиндирани коли да се возат, во блиндирани кабинети да работат, во блиндирани куќи да живеат. Каде би можеле да ги пратиме да се осеќаат безбедни и заштитени? Одговорот е прост ЗАТВОР. Таму решетките ке ги штитат од нас, од народот а ке се дружат со талентирани типови, по нивен избор.

Колку документи ти е платата?

Колку документи ти е платата?

Сменливост ...

Од самостојноста на Македонија навака имаме криза во политичкиот и во економскиот систем. Многу пати сум се обдувал да си појаснам себе зашто е тоа така. Можеби главната причина за криза во политичкиот систем е НЕСМЕНЛИВОСТА. Последица на ова е можеби турското многувековно владеење и титовиот период. Имаме политички партии со султани - со тенденција на доживотен избор. Демократија во такви партии со султан на чело нема, ниту ке има. Во оваа сегашна криза кога се разговара како да ја победиме политичката криза се мислам дека моделот на сменливоста е идеален. Два мандата од четири или пет години се сосема доволни. Се понатака се претворува во приватен бизнис на фукцијата која ја вршиш, која ти е доверена. Во спротивно се` понаткака се ствара модел на мито и корупција заедно со непотизам.

Лекот е во сменливоста и ограничувањето на број на мандати.

  • Предсдател на држава
  • Премиер
  • Председател на собрание
  • Председател на партија
  • Директор на јавно претпријатие
  • Било која јавна функција, каде си на чело на неа
Сето горе треба да се воврсти во листата на ограничени мандати ако сакаме да ни тргне ...

Што е најскапо на светот... највнослив бизнис

Ако се запрашаме што е најскапо на светот за самите нас, лесно и брзо ке дојдеме до одговорот дека тоа е здравјето наше и на нашата фамилија. Кога го имаш здрвјето тогаш лошо недомаќински се однесуваш кон него. Еврејсата клетва е да даде господ да имаш па да однемаш. Кога ке го изгбиш ја сваќаш гешката, но тогаш е или касно да го повратш здравјето или патот до доброто здравје е прескап. Цехот на грешата со здравјето е често фатален.

Приватните болници во Македонија станаа можеби највнослив бизнис. Се започна пред 23 години со првата приватна бонца Невромедика. Сега се намножени приватните болници но најпознати се неколку:

Најчести привати болници се поврзани со областите на хирургија и породувањето. Што е тоа што ги влече луѓето да отвараат приватни болници а народот да оди во приватни болници се разбира ако има пари. Фондот за здравство најчесто не партиципира во приватните болници или ако партиципира тогаш партиципира само делумно. Во приватна болница одиш затоа што таму е вработен највалитетниот медицински кадар, таму сместувањето е како во хотел, таму јадењето го нарачуваш со мени. ...

Wednesday, May 13, 2015

Авганистан ... Крузер

Чиниш неможе да има допирна точка меѓу Авганистан и Крузер - се вплетено во приказна на љубов на двоица млади Македонци.

Додека бев тој ден лежев во Ремедика опеораввувајки се по операцијата, на “соборецот“ карши мене кој оперираше колено (инаку активен фудбалер во Вардар) му дојде пријател во посета. Млад човек во полна снага со мека душа и срце. На години колку едно од моите деца. На кратко ми ја раскажа својата семејна приказна.

Пред четири години тој работи во Близу. И тогашната негова девојка работела во Близу. Се вљубиле и се одлучиле да го трошат медот сами во изнајмен стан со кредити за намештај. Љубовта им успевала но не и двете плати за да преживеат во наша Македонија. Се одлучуваат на кратко да се разделат со две одделни кариери. Женаму се вработува на крузер во екипата која чува мали дечиња додека родителите уживаат во романтика во кабините. Тој заминува за Катар како обезбедување во некој хотел. Со жената се гледале за време на одморите. Живот ли е тоа кога треба да го лижеш медот. Пријателчето не било задоволно со платата во Катар и се одлучува да заминае како обезбедувач во Авганистан. Трета година им течат одвоените кариери.

Пуст да е пуст да би останал животот во Авганистан и животот на брод па макар тој да е и крузер. Авганистан е преполн со небезбедни моменти а ти е обезбедувач. Животот е на коцка. Работа на крузер не е лесна во време кога како жена треба да родиш дете и да тераш живот со мажот кој си го сакаш и си го избрала ...

Тажна приказна за една романтична љубов на двоица млади, кои заради егзистенција жртвуваат најубавите брачни години кога вљубениот пар навеќе си треба меѓусобно. Ова е едната од многуте приказни на младите Македонци кои ја сакаат Македонја, тука се родени тука им се фамилиите,пријателите - но заради егзистенција ја трошат младоста на одвоени кариери.

Tuesday, May 12, 2015

Хернија ...

Ја заработив зараади мојот карактер дека се` можам сам да направам. Заглавив со една термо печка. Пред четири години пребацувајки ја од подрум во соба се распука левата страна. Осетив бол до коска, вриштев. Мислев ке ми помине како на кутре но не, таа не поминувало така, мора да се оперира. Чекав скоро четри години да завршам со ова, да завршам со она. Константно трпев неподнослива болка. На почетокот можев и да се движам. Полседната година повеќе ја прележав во кревет чекајки органите да се вратат на место.

Завчера се одлучв дека е доста веќе, дека дојде време да се оперирам. Појдов во Ремедика на преглед. ОК е вика ке те сошиеме и ке бидеш како нов. Докторот прашува за кога сакаш? Велам ако има место и денеска. Ок вика дојди утре а денеска ке ти направиме потребни прегледи. Еве ме денеска сошиен, чекам да помине еден ден за да си појдам дома. А по десетина дена ке бидам како нов.

Она што најмногу ми сметаше додека имав неподносливи болки беше фотографијата ... ми недостасува ...

Владата го процени живтот на полицаец и секој тип на повреда кога животот е даден во борба која тие ја наредиле ...

Владата одмери дека погибја на полицаец во борба е сразмерно на 70.000 евра. Најтешка повреда (што вероватно значи доживотен инвалидет) 40.000/35.000 евра. 25.000/15.000 евра за полицајците кои загубиле дел од телото. Сите специјалци и хелихоптерските управувачи кои учествуваа во битката во Кумново добија од владата по 10.000 евра. Останатите ангажирани полицајци добиваат по 5000 евра. Медицинското особје е наградено со по една плата. Оштетените граѓани на кои им е разрушен имотот ке се обештетат во 100 посто од проценетата штета. Смештај до обнова на домовите и ...

Колку за споредба кога бараат одштета (владините представници) за претрпена душевен бол по македонските судови бараат оштетни побарувања од 50 до 100.000 евра. Одштета на душевната бол за кумановци нема.

Споредете колку вреди нивната душевна бол со оние на погинатите и ранетите полицајци ...

Sunday, May 10, 2015

Држава под стрес ... црна сабота ...

Вчерашниот кумановски мајдан одзеде десетици животи и педесетина прострелно повредени. Црна се сабота зададе таму во Куманово.

Кој ни го тоа направи? би се прашал Ѕинго а се прашуваме и сите ние во неверица. Денеска и утре е ден на жалост. Во Куманово не е се` завршено. Од утринава повторно се слушаат стрелби ...

Каде е следниот сличен инцидент? Кога ке се случи? Доволно ли беше ова до сега или креаторите на контролирани кризи не се задоволни со бројот на жртвите? Нашите авторитети одговорни за нашата слобода и мир ја примија ли пораката? Кој ке стои на столбот на срамот за овие жртви и пролеана крв?

Saturday, May 09, 2015

Мајдан во Куманово ... паднаа првите три “глинени голуби“ ...

Куманово е МК мајдан. Паднаа првите три “глинени голуби“ (веројатноста дека се повеќе е голема) ... Се слуша дека троица МК полицајци подлегнале на раните од снајперите денешниот кумановскиот мајдан. Веројатно има пднати “глинени голуби“ и меѓу кумановските граѓани цивили сеедно од која националност ..

Можно е многу бргу како по Арачиново да дојде до сценарио кога специјалците ке се појават со протест пред институциите. Никојне сака да биде “глинен голуб“ ...

Не е логично (блесаво е) ама функционира ... убивање на вистината ...

Во било која војна прво што се убива се убива вистината.

Ја слушаме вистината на Заев веќе трет месец. Куртоните на Груевски успешно до сега ја убиваат вистината или барем се обидуваат да релативизираат. Во овие моменти ни се случува Куманово. Кој пука и која му е целта? Македонските албанци не се заинтересирани повторно да губат синови, преблиску е 2001-вата. Но некој замислил дека мора да се пука и да се убие вистината. Слушаме за ранети во Куманово. Кај има пукање со тешко оружје и бомби, веројатноста дека ке имаме смртни последици е голема. Вистината за Куманово никој сеуште не ни ја кажува. Засега само граѓанското новинарство (Кумановски муабети) ни дава дел од она што реално се случува во Куманово. Одговорните авторитети чекаат да видат како денот ке помине па да почнат со штелувањето на својата вистина ...

По Скопје а и по другите МК градови ни се случуваат демострации. Сеуште не е откриено кој ги радикализира првите протести пред владата во Скопје. Наместо да добиеме брзи информации, слушаме дека се апсат студентите пленумци за кои видовме дека делеа цвеќе и рози. Притисокот на студентите пленумци е голем и ке расте. Тие ја понизија оваа власт - поразувајки ја во своите поранешни неизвалкани протести. Сега некој наоѓа начин како да им се одмазди. Ги приведуваат и ги тераат да посведочат кој ги организирал. Во главите на власта неможе да се прифати дека некој може да протестира а да не биде организиран од опозицијата, која нели мора да е крива за се што ни се случува ...

Власта сече повторно ленти на селски чешми, се глорифицира по куртон вестите ... опозицијата се товари за предавство, насилство и безредие ... тие се криви што еве само што ни тргна ни пречат да “ОСТВАРУВАМЕ“ ... Вистината е дека се меѓународно изолирани.

Додека ги пишувам овие редови, ги слушам хелихоптерите како доаѓаат од правец на Куманово, веројатно повредените се ност по скопските клиники. Очекувам во пладневните часови сите “загрижени“ авторитети на власта да ги видиме како ги посетуваат ранетите и држат говори ... Од пријатели дознав дека хермелините и другите борбени возила кои сега ги гледаме во Кумаово вчера поручек заминале во колона за Куманово. Мизансценот на војната за да се постави треба време. Заробен од оние кои пукаат нема ни да имаме. Научени сме одавно дека за нив се прават коридори за да се повлечат ... За жал ке имаме и колатерална штета ...

Се присетувам на борбите во Арачиново 2001-ва. Додека гледав од прозорот на мојата зграда како горат куќите низ Арачиново, дома моравме да правиме ручек. Се беше онака ненормална нормалност. Тоа сценарио некој сега се обидува да го заживее.

Нема да ме чуди утре да се припука и над Тетово, над Скопје, во околината на Зајас, можеби Кондово ...

Thursday, May 07, 2015

Ненормална нормалност ...

Само на балкан изгледа може да се живее во ненормална нормалност. Сите нешто глумиме.

Што е ненормална нормалност:

  • кога некој се прави на блесав, сите гледаат само тој не гледа и уште не убедува дека тоа што го слушаме не го слушаме, дека всушност не постои;
  • кога некој кој краде, лаже и вошки има и притоа е фатен со рацете во медот, не убедува со запенета уста дека тоа не е вистина, туку дека сето тоа некој него го мести;
  • кога на мирен протест некој се уфрла и прави провокација за да предизвика агресивна реакција кон оние кои мирно и достојанствено протестираат, притоа на полицијата во полна робусна опрема им се делат цвеќе, бакнежи и убави зборови;
  • кога полицијата плаче (рони солзи) но и насилнички тепа;
  • кога некој планира на мирни протести да спротивстави антипротестанти кои се платени за да антипротестираат (клиенти);
  • кога некој вели дека сето ова е “мајдан“, а мајданот сам го планира;
  • кога си приморан да живееш во таква ненормална нормалност - бидејки тоа ти се случува во твојата матична држава, а друга немаш ...
  • кога те тепаат а не ти даваат ни да плачеш;
  • кога на ненормална власт меѓународниот фактор кој ги става во изолација, обилно им дава пари за кредити - кои тие ги трошат на нешто што не прави нови пари, туку прави само нови гласачи (клиенти);
  • кога Премиерот твој ти се обраќа од премиерска говорница и ти соопштува дека неговите од партијата му се лутат бидејки тој благо постапувал со протестантите ...
Што е нормално при целата ненормална нормалност која без твоја воља ти/ни се случува:
  • нормална е природата со природните законитости;
  • нормални се птичките кои те будат со нивниот цвркут, гугутките кога гугутаат, пчелите кога летаат да соберат мед додека штурците само свиркаат па после се чудат како да се прехранат во зимата, кога ке здогледаш распукан цвет, кога се мириса на пролетна енергија;
  • кога сонцето изгрева секое утро и те грее, создавајки ти услови за живот;
  • кога дува ветре и ти носи пролетна свежина, 
  • кога паѓа дожд носејки ти живот ....

Wednesday, May 06, 2015

Ѓурѓовденско ослободително востание ...


По многуте ослободителни востанија случени во историјата на Македонија - вчера започна ново Ѓурѓовденско ослободително востание. Заради мојата спреченост со болест неможев да присуствувам на ова востание. Споделувам фотографии кои ги пронајдов на интернет. Најенергични од сите беа македонските девојки ...








Tuesday, May 05, 2015

Успение Прес.Богородица-Матка

Успение Прес.Богородица-Матка

Манастирот Успение Прес.Богородица-Матка е првиот Манастир од повеќемината Манастири и Цркви во кањонот на Матка. Иако е со мал габарит и градба за луѓето од Скопје е од огромна важност и значение како за црковната историографија така и за сите посетители кои го имаат осетено сјајот на енергијата кој извира од местово каде е лоциран Манастирот изграден во 14 век на темели од постари градби. Имено во дел од надворешноста на манастирот се вградени парчиња мермер со убава камена пластика која датира се до почетокот на втори до шести век.

Со слична ваква градба се и блиските манастири Свети Никола Шишевски и попознатиот Манастир Свети Андреја. Сите три се со мал габарит но со огромен сјај кој не бледее до денешни дни. Кога ке се приближите во просторот ја осеќате енергоијата на вековите и молитвите на сите кои низ вековите го посетиле ова свето место. Секоја од молитвите ја зголемувала енергетската вредност на овој Манастир. Убаво е да се посети во сите годишни времиња но некако е најубав во зрелата есен кога е обасјан со златножолтите лисја од дрвјата во дворот на манастирот. Кога ке ги допреш сите тие камени пластики вградени во зидовите на манастирот можеш да направиш контакт со далечното минато.

Општонародна прослава во манастирскиот двор и конаци се случува секоја година за Голема Богородица, се одржува на 28 август, при што манастирот секогаш е посетен од илјадници скопјани кои учествуваат на големата општонародна веселба проследена со манастирска трпеза (гравче) и музика.

Манастирот е одалечен од центарот на Скопје само 17 километри.









Многу повеќе фотографии и податоци за манастирот видите на мојот ФБ профил во албумот Успение Прес.Богородица-Матка.

Sunday, May 03, 2015

Светски сили ... нациоанализам

Некои порано мислеа дека лесно ке се расправат со светските сили ако го расплантат национализмот дома. И тие и тие народи лошо поминаа. Некој кај нас сега мисли дека лесно ке се расправи со светските сили ако го распламса национализмот. 

Saturday, May 02, 2015

Пет години ...

Поминаа пет години, чиниш како да се пет дена. Си отиде во ден кога никојпат не бевме дома, бевме секојпат во природа со друштво и мирис на природата која се буди и цвета. Создателот те одзема од нас и те прибра кај себе. Овие денови неколку пати те сонувам. Незнам дали има линк меѓу нашите светови, но повремо те чувствувам како лебдиш во близина ...
Нашите птици самостојно летаат. Едната помалата птица одлета далеку, далеку дури до Сингапур. Вели, дека таму не само што е природен рај, туку дека и општеството е средено во хармонија со убавата природа. Од работа може да се живее, да платиш на другите, да живееш и нешто да ти остане ... Другата птица се врати од Америка. Сега лета кај нас и се труди да застане на свои нозе. Работи во својта струка, собира практика. Лета, но како да се спрема пак да одлета во некја поблиска или подалечна дестинација.
Така, птиците ни летаат а јас тагувам. Не за мене, тагувам што нашите птици не можат да ти се радуваат на тебе. Ти толку многу ги сакаше и им вдахнуваше љубов, им зрачеше со твојата среќна звезда. Им недостасуваш.

Blog Archive

Site Meter