Search This Blog

Thursday, May 25, 2006

Конкуренција во телекомот

"Актон" ќе се закачи на мрежата на Телеком

Скопската фирма се подготвува за фиксен оператор

"Актон" ќе се закачи на мрежата на Телеком

ЕДИНСТВЕНА КОМПАНИЈА КОЈА ВО МОМЕНТОВ БИ МОЖЕЛА ДА МУ КОНКУРИРА НА "МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ" ВО ЛОКАЛНИОТ ТЕЛЕФОНСКИ СООБРАЌАЈ Е ТЕЛЕКОМОТ НА СЛОВЕНИЈА. ВЛЕЗОТ НАЈВЕРОЈАТНО БИ СЕ СЛУЧИЛ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ ПРОВАЈДЕРОТ "ОН-НЕТ", ВЕЛАТ ВО ТЕЛЕКОМ

Скопската фирма "Актон комуникации" се подготвува за фиксен оператор. Претставници на компанијата, во која има словенечки капитал веќе писмено ја известиле Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) дека почнале преговори со "Македонски телекомуникации" за условите за поврзување со нивната мрежа.

Директорот на АЕК, Коста Трпковски за "Вечер" потврди дека "Актон" преговара со Телеком за потпишување на интерконекциски договор. Со раководството на Телеком досега биле остварени неколку средби. - Од "Актон" се заинтересирани да нудат разговори кон странство и да вршат комерцијален транзит на меѓународните разговори.

"Актон комуникации", како што стои на интернет страницата на Агенцијата за електронски комуникции, се има нотифицирано за обезбедување на јавна фиксна телекомуникациска мрежа, која треба да овозможи давање на фиксни говорни услуги и Интернет, како и да изнајмува линии за други оператори.

Според Силјановски, потребни се големи инвестиции за да може една компанија да изгради сопствена претплатничка мрежа и централи за да нуди локални или национални разговори. - Во фиксната телефонија трошоците се големи. Затоа се потребни сериозни инвеститори - вели Силјановски.Тој не очекува многу брзо да се случи либерализација во фиксниот домашен телефонски сообраќај, имајќи ги предвид европските искуства.

Единствена компанија која во моментов би можела да му биде конкурент на "Македонски телекомуникации" во домашниот телефонски сообраќај е телекомот на Словенија. Влезот најверојатно би се случил преку интернет провајдерот "Он-нет". Според Силјановски, отворањето на пазарот во фиксната телефонија не зависи само од Телеком, туку и тоа дали има сериозен партнер.

Инаку, словенечкиот Телеком пред два месеци купи 76 проценти од акциите на "Он-нет". Тогаш, директорот на "Он-нет", Предраг Чемерикиќ изјави дека не се откажуваат од реализација на идејата да се вклучат во локалните разговори во фиксната телефонија.

Засега либерализација има само во меѓународните разговори кон странство. Силјановски вели дека 13 оператори потпишале со Телеком договори за ВОИП услугата (со вредносни картички) или побарале пристап на мрежата на фиксниот оператор. Европската комисија веќе неколку пати и покажа "жолт картон" на Владата поради монополската позиција на Телеком.

Светлана БЛАЖЕВСКА

No comments:

Blog Archive

Site Meter