Search This Blog

Monday, May 29, 2006

Не е важно колку си богат важно е што имаш во главата!!

ОД „ПЕНТИУМ 1“ „ИЗЛЕЗЕ“ НАЈДОБРА ВЕБ-СТРАНИЦА-
„Борбата со сиромаштијата“ на наградените делчевци продолжува

Четворицата средношколци што беа наградени од Стејт департмент за најдобра интернет-страница, немаат пари да одат во Вашингтон за да си ја подигнат плакетата

Четворица млади средношколци од училиштето „Методи Митевски-Брицо“ од Делчево - Ана Георгиевска, Елена Георгиевска, Жикица Паговски и Зоран Димитровски, ја освоија меѓународната награда што ја доделува американскиот Стејт департмент за најдобро изработена интернет-страница. Со креацијата „Борба со сиромаштијата“ www.fightpoverty.mmbrico.com тие „претркаа“ 306 пријавени проекти од 46 различни држави. Иако овие надежни младинци посветија цела „мини-студија“ на сиромаштијата, сега, кога треба да уживаат во еден своите најголеми успеси, се соочуваат токму со немање пари. Тие немаат сретства да заминат во Вашингтон за да си го земат едниот дел од наградата - плакета, што на победниците им ја доделува лично претседателот на САД или генералниот секретар на Стејт депарментот. Кога во понеделникот коспонзорот на натпреварот, Глобалната мрежа на училишта, ги информирал дека победиле, им кажале дека годинава имаат ограничен буџет и не можат да им го платат патот до Вашингтон.

Во минатата година наградите биле доделени во периодот од 6 до 9 јуни. Менторката на победничкиот делчевски тим, професорката Роза Стаменковска, истакнува дека терминот е променлив па можат да се договорат и за некој друг период. Додека ја изработувале веб-страницата, тие се обиделе повеќепати да информираат некои од министерствата во земјава за својата работа, но не успеале да воспостават контакт. Младинците се надеваат дека нема да бидат заборавени и некој од надлежните ќе им помогне да заминат во САД, каде што гордо ќе се претстават. Во следната недела треба да се сретнат со Џилиен Миловановиќ, амбасадорка на САД во земјава. Освен плакета, секој од нив ќе добие и по 2.000 долари за студирање. Годинава само Ана и Зоран од тимот се матуранти. Ана, која била одговорна за практичната изведба на интернет-страницата, речиси целата работа ја завршила на својот бавен компјутер - „пентиум 1“.

- На училиште имаме многу подобри компјутери, но не можев да минувам толку време таму па многу работев и дома. Имам „пентиум 1“ па беше напорно - објаснува Ана, која планира да се запише на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Нејзиниот другар и соработник во проектот, Зоран, се' уште не знае на кој универзитет ќе го продолжи образованието, но истакнува дека сака да се посвети на дипломатијата. Жикица и Елена, кои сега ја завршуваат третата години во училиштето, велат дека би сакале четвртата година да ја учат во Америка. Инаку, иницијатор за да учествуваат на натпреварот е токму Елена, која и лани била дел од тим што пријавил проект на овој конкурс, а освоиле четврто место. Годинава младите Македонци ја делат наградата со виртуелно средно училиште од Флорида, САД. Тие истакнуваат дека секоја година се избираат по двајца победници, а во најголем број од случаите еден од најдобрите е училиште од Америка.

На страницата ќе има и македонски приказни

На наградената веб-страницата www.fightpoverty.mmbrico.com младите креатори планираат да постават и лични приказни на Македонци што се соочуваат со сиромаштијата. Велат дека веќе, малку по малку, собираат информации и слики што планираат да ги стават на станицата. Моментално на www.fightpoverty.mmbrico.com сиромаштијата се разгледува како глобален проблем. Текстовите и рефератите се напишани од делчевците, а голем број од податоците се земени од извештаите на Обедините нации.

Андријана Андова

2 comments:

Anonymous said...

I say briefly: Best! Useful information. Good job guys.
»

Anonymous said...

Your website has a useful information for beginners like me.
»

Blog Archive

Site Meter