Search This Blog

Tuesday, July 25, 2006

Македонските Антички Театри

Колку време ке ни треба да ги ставиме во функција сите антички театри во Македонија - или барем оние поголемите.




Античкиот град Хераклеја Линкестис датира од средината на четвртиот век пред Христа



- Најдалеку има отидено Хераклеја - во Битола. Битолчани со години наназад не можат да ги замислат своите топли лени вечери, без добрите културни збиднувања на хераклеја...

“..Почетоците на градбата на театарот датираат во времето на царот Хадријан, а завршните зафати биле изведени во времето на Антонин Пиј. Со откривањето на бината, потврдена е двојната функција на театарскиот објект - за сценски изведби и за претстави со животни кои биле чувани во трите кафези. За безбедноста на гледачите бил подигнат висок ѕид од ортостати околу оркестрата со метална ограда врз нив. Гледалиштето има дијазома со дваесет редови седишта, а над горниот ред се наоѓал Немезионот. Почетната ложа со седишта била помеѓу третиот и седмиот ред. Сцената се состои од пет правоаголни простории и раскошно украсена северна фасада. Театарот бил а и сега е со капацитет за околу 3000 посетители од сите сталежи..“


- Сите сега се гордееме со Античкиот театар во Охрид. Тој е главното место на Охридскиот летен фестивал. Престижен е и на него сакаат да настапуваат и славни музички имиња од светот.

“..Тетарот е ситуиран под Самоиловата тврдина блиску до Горната порта на источнот дел на ридот во Охрид, од каде што се пружа незаборавна глетка на езерото и планините кои го опкружуваат.

Класичниот театар бил изграден пред околу 2000 години или во Доцниот Еленистички период или кратко по Римското освојување. Првите најдени запишани споменувања на постоењето на театарот беа направени на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Уште тогаш биле направени напори за откривање на театарот но тоа резултирало со делумни ископувања кои не ги дале саканите резултати. Сондажите во 1960 година помогнале да се открие поточно локацијата како и да се одреди точно големината на тетарот. Систематски археолошки ископувања започнале 1977 и по шест годишна пауза продолжиле во 1984.

Без сомневање едно од најважните откритиа е она на имињата на членовите на публиката врежани во нивните седишта во аудиториумот. Тоа биле луѓе кои биле претплатени или имале сезонски билети за присуство на претставите.

Класични драми - трагедии и комедии - биле изведувани на отворената сцена, исто како во другите театри во класичниот период..“

Античкиот театар во Охрид датира од втората половина на 3. век п.н.е. до 3. век н.е., а неговото конечно згаснување е кон крајот на 4. век и првата половина на 5. век со силната христијанизација на овие простори - од театар во римско време бил преадаптиран во монументална арена, што на други простори, во Македонија и пошироко на Балканот, сега засега не е потврдено.
-Театарот е поставен на природен терен со извонреден поглед према источното охридско крајбрежје и Галичица. Кога бил изграден во 3. век п.н.е. бил наменет исклучиво за театарски претстави. Тогаш имал полукружна сцена со гледалиште - театрон и театарска зграда. По римско - македонските војни кога Лихнид потпаѓа под Римјаните, театарот многу бргу бил пренаменет во арена за борби од типот венеторис, забава и циркуски игри. Борбите венеторис не биле многу опасни (лисица брка зајак и слично), а во тоа време е поставена и метална мрежа. Кон крајот на 1. век се појавува потреба од посериозни гладијаторски борби и тогаш театарската зграда е урната, направен е кружен sид со монументални димензии со влез во арената и странични тунели за внесување животни. Во првата половина на 3. век потребата за гладијаторски борби ја достигнала својата кулминација и арената со sидот околу неа ги достигнале најголемите димензии. За да се прошири арената извадени биле долните седум реда седишта од кои бил направен монументален кружен sид со четири кафези за диви животни. Извадените седишта биле надоместени со изградба на епитеатрон, всушност со трибини, а во овој период гледалиштето собирало околу 10 000 посетители. Sидот околу арената бил висок 3. 80 метри, што потврдува дека во борбите се користеле најкрволочните животни, па и борби со гладијатори, со што е направена заштита за публиката, зашто скокот на најкрволочните животни е 3.50 метри. Во арената се одвивале гладијаторски борби се до крајот на 4. век кога започнала и масовната христијанизација. Тогаш христијаните почнале да го затрупуваат театарот носејќи земја од полето, што укажува на тоа дека во гладијаторските борби најмногу страдале тие, а за да ги заборават своите страдања го затрупувале театарот


- Понатака доаѓа Античкиот театар во Стоби - кој во последните неколку години се развива во одлично место за театарски престави и разни други манифестации од експерименталната театарска и музичка сцена.

“.. Кон крајот на 2. почетокот на 3. век од н.е. во Стоби бил изграден Античкиот театар, што претставува еден од најголемите и најрепрезентативни објекти. Граден е по примерот на грчките театри, а можел да собере од 7000 8000 посетители. Седиштата во театарот биле распределени според важноста на племињата што живееле во Стоби, па така и ден денес на големите камени блокови може да се прочитаат имињата на стобските граѓани, кои биле поделени во пет поголеми племиња. Во 3. век театарот бил пренаменет во арена за гладијаторски борби, а околу сцената била поставена висока заштитна мрежа. Театарот се користел како Арена се до 325 година со примањето на христијанството, кога престанал да се користи било за борби, било за театарски претстави. Тогаш, всушност, започнува и неговото уништување со вадење на камените блокови и нивна употреба во други јавни градби. Жителите на Стоби сега христијани, почнале да го затрупуваат Театарот за да не ги потсетува на гладијаторските борби во кои тие и најмногу гинеле. Веднаш пред театарот христијаните ја подигнале и големата Епископска базилика, со монументален изглед, која целосно го скрила театарот од видното поле, за да може што побрзо да биде заборавен. Но, тој останал цврст и непокорен до ден денес за да сведочи за едно време на сјај и раскош..“


- За крај останува Античкиот театар во Скупи. Тој иако се наоѓа во центарот на Скопје - три километри од сегашниот центар - е најзапуштен, најнеистражен и најмалку експлоатиран. За него одвреме навреме ке блесне некој напис и некоја невладина организација ке организира некое случување. Такви културни случувања во последно време организра и општината Карпош. Но сето тоа не е доволно. На градот треба што поскоро да му се врати и пушти во функција еден од најголемите антички театри во Македонија и пошироко.

“..Подигнат е во времето на Хадријан ( II век од н.е.). Според димензиите најголем од четирите антички театри на територијата на Македонија. Можел да прими околу 9000 гледачи. Откриени се главните контури на објектот. Театарската зграда долга 98 м. и широка 15м., а низ неа водат три ходника до орхестрата која има радиус од 15 м . Театарската зграда и фасадата на сцената биле богато и луксузно украсени со мермерни архитектонски елементи. Припаѓа на римскиот тип театри, а служел главно за забава. Се изведувале комедии, сатирични игри, пародии, пантомими и др..“

“..ТЕАТАРОТ ВО СКУПИ СО ГОДИНИ ЗАПУСТЕН
Најголемиот антички театар во Македонија го прекрија гробови
Античкиот театар во Скупи собирал 9000 гледачи. Лежи на југозападната страна на Зајчев рид, надвишувајќи го и доминирајќи над поголемиот дел од градот. Театарот, граден спопред тогашните римски архитектонски правила, го чинат театарска зграда, сцена или бина, оркестрата и гледалиштето. За градбата на гледалиштето била искористена природната падина на ридот, а за сцената и театарската зграда теренот бил нивелиран. Во прашање е навистина монументален објект со импозантни димензии. Театарската зграда е долга 98 метри, широка 15, а низ неа водат три ходници со радиус од 15 метри. Надворешниот раб на гледалиштето е повисок од 16 метри, колку шо најверојатно била и висината на театарската зграда. Бината се издигала на два метра над оркестрата и била обложена со разнобојни плочи од мермер, темно зелен и кафеав шкрилец. Пред фасадата на театарската зграга и т.н. скена археолозите откриле парчиња на капители, бази, архитрави, довратници, покеривни венци и други елемнети и украси со исклучително убава и богата орнаментика, чие уметничко и техничко ниво на изработка е на ниво на најпознатите дела од тоа време во останатите Римски метрополи. Бидејќи не се откриени остатци на бина се претпоставува дека театарските престави се одвивале во оркстрата која е во форма на неполн круг ( пречник 15 метри) карактеристичен за римскиот тип на театри. Гледалиштето ( кавеа) лежи на коса падина. Седиштата му се потпирале врз сложена масивна структура од концентричНи полукружни sидов, кои ја следат линијата на оркестрата. Горната пак половина на гледалиштето е формирана од два полукружни sида, поврзани со 24 sидови носачи, исто поврзани со свдови. Импозантно, навистина.
По сите овие пронајдоци на археолозите театарот го датираат во времето на Хадријан, прва половина на вториот век од нашата ера. Се претпоставува и точната година на неговото градење, 125 г. токму при посетата на Хадријан на Скупи.
Во театарот се играле главно трагедии, комедии и мимови, еден вид пантомима. Досегашните откритија не потврдуваат дека се одвивале и гладијаторски борби. Освен како што вели раководителот на локалитетот Скупи, архелогот Ленче Јованова- Алексиева, од Музејот на Скопје, одредени индиректни показатели кои укажуваат дека и таму можеби имало крвожедни борби на гладијатори, на животни и сл..“

No comments:

Blog Archive

Site Meter