„Дневник“ во март објави дека сопствениците на земјиштето не дозволуваат никому да припари на локалитетот, ниту да го фотографираат профилот на земјата од која стрчеле две нозе од природно зачувано тело и ковчег од издлабено стебло во кое се наоѓа и другата мумија. Залудни биле ургенциите кај липковскиот градоначалник да разговара со своите сограѓани и да ги убеди да им дозволат на стручњаците да направат увид, да го фотографираат и документираат епохалното откритие. Обидот за увид го направиле стручњаци од Националниот центар за конзервација и од Управата за заштита на културното наследство лани на 20 јули. Откако инспекцијата си заминала, по неколку дена сопствениците на земјиштето ги затрупале мумиите.
Телата се наоѓаат во месноста Кисела Вода, на патот што води во Липково, крај млинот на кој пишува „Браќа Вејсели“. „Дневник“ објави дека местото на кое се закопани телата воопшто не се чепка. Населението го почитува култот кон покојниците.
Липковскиот регион е познат по мумиите што биле таму пронајдени пред повеќе од 40 години. Првите мумифицирани тела биле откриени во 1957 година, кога се градел пристапниот пат кон браната на Липковското Езеро. Двете неоткопани тела лежат во сива глина - совршена средина за природно да се зачуваат телата на покојниците. Едниот од нив, чии нозе стрчеле од земјата, носи панталони од коноп и обувки. Археологот Звонимир Николовски од Управата за заштита на културното наследство раскажува дека веднаш се сетил на својот професор Иван Микулчиќ, кој му објаснувал какви биле мумиите што тој ги откопувал во Липковско во 1963 година.
Изворно тука.
No comments:
Post a Comment